1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

110709 Eau de Cologne 300

13 јули 2009

Најстарата фабрика за парфеми на светот денеска (13.07.2009) го слави 300-годишниот јубилеј. Во далечната 1709 година браќата Фарина почнаа да тргуваат со луксузна стока, меѓу другото со посебна миризлива водичка.

https://p.dw.com/p/IlsT
Оргиналното пакување на колонската водаФотографија: DW

Во 1709 година италијанскиот производител на парфеми Ѓовани Марија Фарина му пишува писмо на брат му. Во него меѓу другото се вели: „Пронајдов мирис што ме потсетува на пролетно утро во Италија, на планински нарциси и цветови од портокал, кусо по дождот. Тој ме освежува, ми ги буди сетилата, но и фантазијата.“

Фарина во тоа време веќе неколку години живее и работи во Келн. Во семејното претпријатие, чиешто седиште и ден денес е во Келн, тајниот рецепт се пренесува од колено на колено. Во сите 300 години од пронаоѓањето со него се запознати се’ на се’ 30 лица. Еден од нив е потомокот Јохан Мариа Фарина, кој е и актуелен раководител на фирмата. „Од решавачка важност е оргиналната колонска вода да мириса секогаш исто. Како кај шампањското, коешто добива мирис и вкус со мешањето одредени врсти грозје, така е и со колонската вода. Кога некои растенија, што ги користиме во некоја сезона мирисаат поинаку, тогаш тоа го надокнадуваме со мешањето растенија од други подрачја.“

Светот на колена пред „колонската вода“

Колонската вода на браќата Фарина почнува да го освојува светот, иако таков луксуз можат да си дозволат само најбогатите во тоа време. Едно шишенце чинело колку неделна плата на некој занаетчија - што во денешни пари пресметано е најмалку 1.000 евра. За богатите муштерии тоа не претставувало никаков проблем. Така Келнскиот надбискуп Клеменс Аугуст, кој ги градел раскошните барокни дворци во околината на градот, постојано го користел парфемот на браќата Фарина и месечно за тоа трошел толку пари, колку што денес пресметано би чинел автомобил од средна класа. Позитивното влијание на колонската вода не го ценеле само германските великодостојници, туку и Наполеон користел по едно шишенце дневно.

Johann-Maria Farina im Jahr 1685
Таткото на колонската вода: Ѓовани Марија ФаринаФотографија: Peter Kolakowski

Успеси и кризи

Големата репутација сепак не можела да ја спаси фирмата од кризи, раскажува Јохан Марија Фарина. „Имаше многу кризи, сетете се само на Француската револуција, на Првата и Втората светска војна - тоа беа за нас многу тешки времиња. Не затоа што нашите муштерии би се откажале, туку затоа што ние не бевме во состојба да произведуваме поради проблемите во снабдување со неопходните сировини. Така е и денес: се’ додека можеме да произведуваме, иднината ни се насмевнува. Многумина зборуваат за економска криза, кај нас такво нешто не дошло“, објаснува актуелниот сопственик на семејното претпријатие.

Успехот на колонската вода секако предизвикал и обиди за имитација. Околу 100 години по почетокот на успешниот поход на оргиналната колонска вода на браќата Фарина, келнскиот претприемач Вилхелм Миленс почнал да произведува сличен производ со мирис на лимони. Производот го добива бројот на куќата во која живее Миленс: 4711. И ова е во меѓувреме светски познат производ, но не е оргиналот. Ваквиот потег на конкуренцијата не го вознемирува Јохан Марија Фарина: „Одев на курс по танцување со една од ќерките на Фердинанд Миленс, а и со другите се познавам. Но, тоа никогаш не било проблем меѓу двете семејства.“

300 Jahre Farina Original Eau de Cologne
Наследникот на семејното претпријатие, Јохан Марија ФаринаФотографија: DW

Интересен музеј

Во седиштето на фирмата Фарина денес има музеј на колонската вода, каде може да се купи оргиналниот производ со стилизирано црвено лале и името Јохан Марија Фарина. Во него може да се дознаат и многу интересни поединости од долгата историја на производот. На пример, дека создавачот на колонската вода Ѓовани Марија Фарина му бил кум на генијалниот, но и демонски парфимер Жан Баптист Гренуј, чиј живот е отсликан во филмското остварување „Парфем“ на германскиот режисер Патрик Сискинд.

Автор: Катрин Медерлер / Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска