1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

30 години Зелени - од антипартија, до владејачка партија

Зелените ја променија германската политичка сцена и култура. Денеска (06.03.2013) се навршуваат точно 30 години откако партијата Сојуз 90/Зелени првпат беше избрана во Бундестагот.

Марилузие Бек тогаш носеше џемпер кој, се разбира, самата го исплела. Таа беше една од 28-те „нови“ лица, една од 28 политичарки и политичари од Партијата на зелените кои на изборите од 6. март 1983 година станаа пратеници во германскиот парламент.

„Тоа беше неверојатно. Дури и самите не можевме да поверуваме. За политичкиот естаблишмент во Бон тоа беше апсолутен шок“, се присетува Марилуизе Бек.

На крајот на март истата година (29.03) покрај неа во Бундестагот седеше, со костум и враторвска, претседателот на Христијанско Демократската Унија, Хелмут Кол. Бундестагот избираше нов канцелар. По очекуваниот избор на Кол, Марилуизе Бек му честиташе, но не со букет цвеќе, како што беше обичај, туку со гранче од бор.

Bildergalerie 30 Jahre Die Grünen Marieluise Beck-Oberdorf und Helmut Kohl

Марилуизе Бек му предава борово гранче на Хелмут Кол

„Му го предадов гранчето од името на граѓанската иницијатива која се бореше против изумирањето на шумите, тие ме замолија да му го предадам на новиот канцелар и јас тоа го направив“, раскажува денес Марилуизе Бек со насмевка на лицето.

Брз успех

Зелените беа формирани само пред три години, во време кога стотици илјади западни Германци протестираа на улиците прорив стационираните американски нуклеарни ракети со среден дострел. Во нив тие гледаа нова фаза на ескалацијата на атомската трка во вооружување. Во јануари 1980. година активистите за заштита на природната околина, за мир и човечки права, се здружија во „антипартиска партија“, тие се дефинираа како „еколошки, темелно демократски, социјален и ненасилен“ елемент. Поимот „Зелени“ го одбележа харизматичната Петра Кели, таа зборуваше дека Зелените не треба да бидат партија, туку движење.

Во средината на 90-те, Зелените „пораснаа“. Во 1998. година заедно со СПД, социјалдемократите, формираа коалициска влада. Јошка Фишер стана министер за надворешни работи и вицеканцелар. Партијата мораше да докаже дека знае и да владее и дека е свесна за она што воопшто може да се направи во политиката. Испитот на зрелост беше во 1999. година. Во Бундестагот се гласаше за учеството на германскиот Бундесвер во воената операција во Косово, а во 2000. година за постепеното гаснење на германските нуклеарки до 2021. година. Тоа не им одговараше на многумина противници на атомската енергија, тврдеа дека темпото е пребавно.

„Одлуката во врска со Косово беше тешка, зашто во судир беа етиката на напад и етиката на ненапаѓање. Многу луѓе беа во бегство, имаше цивилни жртви. По Сребреница, моравме да бидеме подготвени на најлошо“, се сеќава Бек.

Зелените по „црвено-зелената“ влада

Во 2005. година коалицијата на „црвените“ (СПД) и „зелените“ стана историја. Зелените повторно станаа опозиција. Половина година подоцна политичката сцена ја напушти во широката јавност омилениот Јошка Фишер, а многумина очекуваа дека и иднината на партијата е под прашање.

Bildergalerie 30 Jahre Die Grünen Koalitioinsvertrag

„Црвено-зелена“ влада: Герхард Шредер и Јошка Фишер

„Многумина ме прашуваа што ќе прават Зелените без Фишер? Развојот покажа дека одлучувачки за успехот на Зелените се темите“, уверена е Марилуизе Бек.

Денес Зелените можат да се пофалат дека во покраината Баден Виртемберг имаат покраински премиер, исклучително популарниот Винфрид Кречман, прв покраински премиер во историјата на партијата. Во Штутгарт владее „зелен“ градоначалник, а Зелените во Берлин се потенцијален коалициски партнер и за „црните“, ЦДУ и „црвените“, СПД. Во анкетите тие имаат континуирано добра поддршка од гласачите.

Успешна приказна

Историјата на Зелените е успешна приказна, смета Лотар Пробст, професор по политички  науки на Универзитетот во Бремен.  Тие успеаја да се диференцираат од политичките конкуренти, тврди тој. Пред само неколку месеци, многумина очекуваа Партијата на пиратите да ги „погребе“ Зелените. Но, Пиратите се на најдобар пат преку интерни кавги самите да се маргинализираат.

Која е причината на новата сила на Зелените? Избирачката база е многу поголема отколку во времето во кое Зелените почнаа пробив на сцената. Зелените веќе не се одомаќени само во алтернативните кругови, тие „целат“ на граѓанските кругови. Освен со еколошките, Зелените се занимаваат со образованието, социјалната правда, потрошувачките теми и климата.

Зелена стапица?

Треба сепак да се напомене дека она по што Зелените станаа познати (заштитата на природната околина) е денес тема со која се занимаваат и другите. ЦДУ, партијата на канцеларката Меркел, по катастрофата во Фукушима одеднаш стана противник на нуклеарките. Со темата хомосексуални бракови денес се занимаат и германските конзервативци. Дали ова се‘ уште се теми на Зелените? Треба ли тие и натаму да се занимаваат со нив? Лотар Пробст:

Marieluise Beck Bündnis 90/Grüne

Марилуизе Бек

„Да ја земеме на пример енергетската политика. Ние сме само на почетокот, гледате со какви се‘ проблеми се соочуваме. Се сеќавам и на скандалите поврзани со прехранбени производи. И тоа се теми со кои Зелените беа успешни минатите години“.

Марилуизе Бек не остава впечаток дека на Зелените им недостигаат теми:

„Од еколошките теми никој не може да избега“, вели таа.

Каде ќе бидат Зелените за пет години, ја прашуваме Бек.

„Во предизборна кампања. И се надевам, во владата“.

Зелените во минатите 30 години достигнаа политичка зрелост и очигледно, свесни се засвојата моментна сила.