1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

3 спрема 0: добар старт на Германија на азиската турнеја

Германската фудбалска репрезентација во првиот натпревар на турнејата по Азија денеска ја совлада Јапонија со 3 спрема 0. По петти пат репрезентацијата предводена од Јирген Клинсман како селектор остана непоразена.

Точно 900 денови по поразот од Бразил во финалето на последното светско првенство, обновената германска репрезентација денеска на истиот стадион во Јокохама ја совлада Јапонија, првак на Азија, со 3 спрема 0. Сите голови се постигнати во второто полувреме: Клозе во 54-тата и 90-тата минута - со што досегашниот свој биланс во репрезентативниот дрес го заокружи на 20 погодоци, и Балак со извонреден удар од 18 метри во 69-тата минута од натпреварот. На трибините беа присутни речиси 62 илјади гледачи.

Долгиот пат и промената на временската зона не оставија трага кај репрезентативците, кои играа полетно и ангажирано, со комбинаторен напаѓачки стил. Во репрезентацијата на денешната средба дебитираа Кристијан Шулц, Патрик Овомојела и Марко Енгелхарт. Капитенот Михаел Балак во првото полувреме не реализира две шанси, но во целост остави најдобар впечаток. Јапонската селекција не играше во најдобар состав.

Шефот на стручниот штаб Јирген Клинсман оцени: "Ова се натпревари во кои пртотивникот мора да биде наттрчан и мора многу да се работи. Ние имавме шанси уште во првото полувреме, но по 1 спрема 0 се‘ беше поедноставо. Двајцата нови играчи во одбраната супер си ја извршија работата. Играчите заслужуваат огромна пофалба за тоа како по водството од 1 спрема 0 го зголемија притисокот”.

По средбата репрезентацијата веднаш се упати на аеродром и поаѓа на пат кон Бусан, каде в недела ќе игра против Јужна Кореја. Противник во последната средба на турнејата во вторник во Бангкок ќе биде селекцијата на Тајланд.