1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

3 години од Охридскиот договор: клуч за мирољубив соживот во Македонија

Коментар на Андреј Смодиш

Охридскиот рамковен догор и натаму е успешен модел. Зашто, Македонија е единствената земја од некогашна Југославија, која остана поштедена од војна, а договорот од Охрид даде значителен удел во тоа.

Уште во летото 2001-ва изгледаше како разорувачкиот бес на национализмот да ја зафати и Македонија, катастрофата се чинеше неизбежна. Но, национализмот на Балканот сепак не е судбински условен предизвикувач на војни. Тој не се вовлекува сам од себе како вирус во мозоците на луѓето, што ги труе без можност да се влијае врз него.

Предизвикувачи на Балканските војни во 90-тите години, во нивната алчност за власт, беа поединечни луѓе што можат да се идентификуваат, од сите најнапред Слободан Милошевиќ. Па дури и таму, каде наводно или вистински не биле или не се почитувани човековите права, има можност за мирољубива спогодба.

Македонија е најдобар пример. Оруженото востание на одреден број етнички Албанци во 2001-ва година можеше да води во војна. Наместо тоа, сега во Македонија има едно од најмодерните законодавства за малцинствата во Европа, а Охридскиот договор го трасираше патот до таму. САД и ЕУ кумуваа, но во крајна линија државниот апарат и востаниците успеаја сами да им стават крај на борбените дејствија и да спречат војна што се закануваше.

Водачот на албанските востаници Али Ахмети сега, на чело на една демократска партија, соучествува во владата. Од август 2001-ва година многу е сторено за албанското малцинство: воведен е албанскиот како натамошен службен јазик насекаде каде живеат повеќе од 20 насто етнички Албанци, зголемен е нивниот удел во јавните дејности - посебно во полицијата, има високи школи на албански јазик.

Овде спаѓа и завршната точка од законодавството во врска со Охридскиот договор: територијалната реформа, неделава усвоена од парламентот во Скопје, создава општини во кои Албанците ќе бидат мнозинство и каде службениот јазик главно ќе биде албански. За жал, протестите против ова деновиве му даваат белег на политичкиот пејсаж.

Мирот во Македонија, значи, и натаму останува задача од животна важност за луѓето таму: многумина протерани во 2001-ва, главно етнички Македонци, не можеа да се вратат во своите куќи. Најголемата македонска опозициона партија и натаму е на националистички курс. И, не е мал бројот на Албанци кои воопшто тешката економска состојба во земјата ја интерпретираат како дискриминација, оти се натпросечно погодени.

Но, и покрај сево ова, денес е широко отворена вратата за мирољубив соживот на мнозинското население и малцинствата. Договорот од Охрид го даде клучот за тоа.

Андреј Смодиш