1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

27 повредени во бомбашките напади во Турција

Повторно се случија бомбашки напади во турски туристички места. Во четирите експлозии, за среќа нема жртви, но повредени се над 20 лица.

Полицијата е на местото на нападите

Полицијата е на местото на нападите

Во изминатото деноноќие во Турција беа детонирани четири експлозивни направи. Една од нив во Истанбул, а три експлозии се случија во туристичкото место Мармарис. Според последните податоци повредени се вкупно 27 лица, од кои едно е во животна опасност. Меѓу повредените се и десетина британски туристи. Тоа за Си ен ен ноќеска го потврди и Сузане Пораз, докторка во локалната болница во Мармарис каде биле донесени дел од повредените:

„Разбравме дека имало три експлозии. Кај нас се донесени повредени од експлозијата која се случила во мини бусот. Тука имаме четворица Британци кои се возеле со него“.

На прашањето дали некој од повредените раскажал што се случило, Пораз одговара:

„Повеќето од луѓето кои беа донесени во болницата се со многу изгореници и повредени така што не можеа да објаснуваат многу. Една од нив кажа дека седела на крајот од автобусот и слушнала силен тресок, а потоа видела експлозија пред неа. Само толку можеше да ни каже“.

Првата бомба одекнала некаде по полноќ во Мармарис, кога пакет бомба бил оставен во еден автобус. Останатите бомби биле подметнати во две куќи на омилената променада. Сите бомби експлодирале во временски интервал од 15 минути. Претходно во Истанбул исто така имаше експлозија на подметната бомба во кој инцидент се повредени шестмина. Засега никој официјално не ја презема одговорноста за нападите, но турската полиција за одговорни ги смета курдските екстремисти.