1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

250 години на МАН

МАН: од мала железарница во Рурската област до голем концерн, од тави и тенџериња до стопански возила. Секој втор брод плови по светските мориња со мотор од МАН. Во „Квин Елизбет 2“има мотор долг 35, а висок 18 метри!

default

Од скромен почеток до гигант

МАН за јавноста главно е препознатлив како германски производител на камиони и друг вид стопански возила, еден од водечките на континентов. Но концернот, чие главно седиште од пред 22 години е во Минхен, има широка палета на продукти. Во неговите погони ширум светот работат 55 илјади луѓе. Главен акционер од пред две години е Фолксваген, чиј удел изнесува 29,9 насто од акциите. Кратенката, инаку, во буквален превод значи „Фабрика за машини Аугсбург-Нирнберг“. 2008-ма беше година на голем јубилеј за МАН - фирмата одбележи 250 години од постоењето, таа е едно од најстарите индустриски претпријатија во Европа.

Раст низ историјата

Со често менување на палетата на продукти и со отвореност за иновации МАН надживеа кризи и војни.

„Овој монструм, подготвен за работа - значи снабден со вода и јаглен, тежи околу 11 тони. Има железни тркала. Граден е во Првата светска војна 1918-та и првобитно требаше да влече топови на фронтот. Кога беше готов, за среќа, војната беше веќе речиси завршена“. Парната машина е стара 90 години, а Хенинг Барц ја донесе во Минхен по повод јубилејот на МАН од музејот во Шверин. Се’ до 60-тите години на минатиот век возилото од лиено железо беше користено за работа в поле во источниот дел на Германија. Кога црно-црвената машина во 1918-та година ги напушти производните хали на МАН, претпријатието веќе имаше речиси 160-годишна историја.

MAN Schiffs-Dieselmotor

Дизел мотор за брод

За почетоците зборува портпаролот на МАН Андреас Ламперсбах: „МАН настана како железарница во Оберхаузен, во Рурската област. Први производи беа тенџериња и тави за готвење. Во принцип тоа беше занаетчиско претпријатие со осум до десет соработници и поминаа повеќе децении додека од него стана вистински голем концерн. Како концерн настанавме во 1840-та овде во Баварија, и оттука доаѓа и името. Значи, нашите баварски корења се нешто помлади. Но, ние сме горди дека денес сме еден од најстарите индустриски концерни во Европа“.

„Добра надеж“

Претпријатието од кое произлезе денешниот концерн, нотиран на најважниот германски индекс на акции ДАКС, тогаш го носеше името ГХХ, односно Железарница „Добра надеж“. По Првата светска војна тогашниот претседател на Управниот одбор Паул Ројш на големо купуваше акции од различни претпријатија од машиноградбата. Покрај другото, се здоби со мнозински удел кај МАН. Паул Ројш во 20-тите години на минатиот век, со широко распространетиот индустриски конгломерат, според искажувањето на историчарот Јоханес Бер, стана еден од највлијателните стопански шефови на своето време. „Во Вајмарската република Паул Ројш беше предводник на радикалните шефови од тешката индустрија, кои беа против демократија и решавачки определени за повторно вооружување“.

BdT MAN Jubiläum

Модерен мотор MAN V8 и дизел мотор од 1893-та година изложени во Минхен по повод јубилејот

Иако Ројш посакуваше авторитарна држава и неговиот индустриски конгломерат енормно профитира од нарачките за вооружување, тој сепак не најде разбирање со националсоцијалистите. „Севкупно може да се каже дека е многу интересен случајот ГХХ-МАН во Третиот Рајх, оти не принудува да се ослободиме од одредено, радо практикувано шаблонско размислување во тој контекст - едни да се поврзуваат со режимот, а други не. Националсоцијалистичката партија НСДАП постојано се обидуваше да придобие влијание во претпријатијата, а токму тоа Ројш не сакаше да го прифати. Тој не и’ пристапи на партијата и беше на дистанца во однос на режимот“, укажува историчарот Јоханес Бер.

Жестока борба против разбивање на делови

Во 1942-ра година нацистите се погрижија за тоа, Ројш да мора да ја напушти функцијата во претпријатието. Тогаш на 65-годишна возраст, Паул Ројш огорчен се повлече на својот земјоделски имот кај Штутгарт. По војната концернот што го оформи тој, беше разбиен. „На овој пример може многу убаво да се покаже како може да се одвива економската историја. Претпријатието жестоко се бореше против разбивањето на помали делови. 10 години подоцна во Рурската област имаше криза со јаглен, а тоа одвај да беше погодено; напротив, профитира од своето производство на камиони, што се одвиваше во Минхен“.

Продажбата на камиони до денес остана најважна деловна област на МАН. Само од продажбата на стопански возила концернот минатата година оствари приход од околу 10 милијарди евра. Освен тоа, МАН прозведува турбини, компресори и мотори за авиони и бродови. „Приближно секој втор брод во светот се движи со мотор од МАН - од најголемиот контејнерски брод, кој може да носи 14 илјади контејнери, па се’ до бродови за патнички крстосувања. На пример, и бродот Квин Елизабет 2 во утробата има мотор од МАН. Тој е многу силен, до 110 илјади коњски сили. Моторот е долг 35, а висок 17 метри“ - вели портпаролот на МАН Андреас Ламперсбах.

Концернот кој започна како мало занаетчиско претпријатие во Оберхаузен, денес оперира на сите важни светски пазари. Со различни фузии, преземања или промени во палетата на продукти, МАН успеа да преживее четврт милениум. Јубилеј вреден да се одбележи, посебно ако се знае дека најголемиот дел од фирмите во Германија во просек се стари само 20 години.