1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

24-ти декември година потоа: Со Шиповиќ „притворени“ и препораките

Институционален дијалог меѓу власта и опозицијата во Македонија постои, но тој и натаму силно ги рефлектира меѓупартиските антагонизми и ниската политичка култура во комуникацијата.

Што е сменето една година по т.н. „црн понеделник“? Опозициската СДСМ го памети 24 декември 2012. година како ден кога е суспендирана парламентарната демократија, а таа заедно со новинарите насилно исфрлена од Собранието, а владејачка ВМРО-ДПМНЕ како ден кога опозицијата со манипулации се обиде да го блокира донесувањето буџетот, а со тоа и функционирањето на државата.

Како е во Собранието една година потоа? Институционален дијалог меѓу власта и опозицијата постои, но тој и натаму силно ги рефлектира меѓупартиските антагонизми и ниската политичка култура во комуникацијата. Ако лани причина за кулминација на настаните беше собраниската расправа за трошењето на народните пари за 2013. година, санирањето на последиците од 24. декември годинава е условено со ослободување од притвор на претседавачот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ. Поради притворањето на нивниот партиски функционер, СДСМ го замрзна своето учество во работното тело за имплементирање на препораките усвоени од ад-хок Комисијата за 24. декември, го стави во мирување учеството во работата на ЗЕЛС и ја откажа поддршката на сите закони за чие изгласување е потребно двотретинско мнозинство.

Зошто социјалдемократите фрлија се на „картата“ на Шиповиќ?

„Ние направивме се‘ што можевме за да има дијалог. Но, кај ВМРО-ДПМНЕ нема демократски капацитет за тоа. Лани на 24. декември во Собранието го суспендираа основното право и должност на пратениците да ги бранат интересите на граѓаните, за едно од најважните прашања како што е трошењето народни пари. Нецела година потоа, со затворањето на претседавачот на Советот на општина Центар, на уште понасилен начин се обидоа да ја згазат волјата на граѓаните кои на изборите му ја дадоа поддршката на СДСМ. Тоа говори дека власта на Никола Груевски познава само насилство како метод на владеење“, оценуваат од СДСМ.

Секој ден- изгубен ден

Пратеникот Илија Димовски и директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека тоа што СДСМ го замрзна своето учество во работната група за имплементирање на препораките, може негативно да влијае на подобрување на правната рамка за функционирање на дијалогот, но и за подобрување на довербата меѓу партиите.

„Добро е што имаше интензивен дијалог за настаните од 24. декември и што се усвоени препораки, но не е добро што не се имплементираат. За многу прашање имавме блиски ставови, но по замразнувањето на активностите на СДСМ во работната група, секој ден е изгубен ден“, вели тој.

Според Димовски, сите извлекле поука од „24. декември“, а доказ за тоа е дијалогот меѓу политичките субјекти.

„Со оглед дека единственото место за реален дијалог треба да биде во институциите, може да оцениме дека дијалогот постои со голем број дебати, законски решенија, амандмани и надзорни расправи, секојдневно во Собранието. Иако се забележува голем степен на недоверба во таа институционална комуникација меѓу партиите, со оглед дека не ни се повторија такви настани, очигледно е дека партиите сфатија дека само институционалниот начин на делување и почитување на процедурите, е нешто што граѓаните го поддржуваат“, оценува Димовски.

Социјалдемократите признаваат дека „практично ништо не е реализирано од Извештајот на Комисијата за 24. декември“, но вината за тоа ја лоцираат во ВМРО-ДПМНЕ.

„Во Извештајот конкретно беше посочено дека со настаните од 24. декември има прекршувања на Уставот, Законот за Собрание и собранискиот Деловник. Но, досега никој не понесе одговорност. Извештајот беше потпишан и од ВМРО-ДПМНЕ, но потоа се оградија од правните квалификации. И покрај тоа, СДСМ предложи свои претставници во работната група која требаше да работи на измени во Деловникот, таа почна со работа, но договор околу суштинските точки кои треба да спречат ваков тип инциденти во иднина - нема. Една од обврските што произлезе од договорот од 1. март по инцидентите од 24. декември, се и измените во изборното законодавство, за што течат разговори меѓу власта и опозицијата. ОБСЕ/ОДИХР, ЕУ и САД очекуваат договор меѓу власта и опозицијата за изборното законодавство и реален Избирачки список. Консензусот за важни прашања од интерес на граѓаните е суштина на дијалогот“, потенцираат од СДСМ.

По прашањето на меѓупартиската доверба, дисонантни тонови доминираат и кај пратениците. Во неодамнешна дебата, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Александар Спасеновски и Гордан Георгиев, покажаа дека партиите се‘ уште се на два различни брега. Според Георгиев, „парламентот е политички 'мртов', дебатата речиси непостоечка, за некаков конструктивен дијалог не може да стане збор, а она што е најзагрижувачко - е дека на власта, очигледно, не и' пречи ваквата состојба“.

Александар Спасеновски има поинаква оценка: „Дури и за време на најдраматичните настани од минатата година, довербата не беше во потполност нарушена. Секогаш постоеја отворени канали на комуникација помеѓу пратениците од власта и од опозицијата. Денес, мислам дека довербата во најголема мера е вратена, што овозможува Собранието сосема нормално да функционира како дом на сите граѓани на оваа држава“.

Граѓаните немаат впечаток дека дијалогот реално се вратил во Собранието. Според нив, ништо суштински не е сменето. Неодамнешните надзорни расправи во Собранието, им го засилија впечатокот дека речникот меѓу власта и опозицијата е уште повеќе заострен, за што сведочат и нивните бројни реакции на социјалните мрежи, : „Ако е ова дијалог, подобро нека го нема“... „Гласам за монолог. Ваков 'дијалогот' ми ја убива надежта дека некогаш ќе станеме нормално општество“...„Имам само една новогодишна желба: собранискиот канал да остане без тон“...

Sonderkommission Mazedonisches Parlament

Специјалната комисија која имаше задача да ги истражува инцидентите од 24. декември

Излез од стагнација

Борче Давитковски, претседател на ад-хок Комисијата за испитување на настаните од 24. декември, кој и со лична оставка лани во август се обиде да изврши притисок врз членовите да го усвојат Извештајот, се надева дека работите ќе се поместат од сегашната фаза на стагнација, во која се најде потпишаниот технички адендум - „Договор за примена на препораките“.

„Колку што сум запознаен, собраниската Комисија работеше на имплементација на препораките со техничка помош и од експертот од ЕУ кој беше ангажиран и во работата на Комисијата за испитување на настаните од 24. декември, но ја прекина работата поради случајот ’Шиповиќ’.

Беше предвидено голем дел од препораките, како што е измена на процедурата за усвојување на Буџетот, донесување на Етички кодекс, измена на Законот за Собранието и измена на Деловникот за работа на Собранието, да ги имплементира до 16.10. 2013. година, кога требаше да го добиеме Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија. Се надевам дека препораките кои едногласно беа прифатени од двете инволвирани страни, ќе бидат имплементирани, со што ќе се придонесе за подемократска работа во Собранието, а од друга страна ќе и‘ докажеме на ЕУ дека Македонија е способна она што е договорено да го примени, пред се‘, во интерес на развојот на демократските процеси на државата“, вели Давитковски.

Кога на крајот ќе се сумираат резултатите, произлегува дека се‘ додека на Шиповиќ не му биде овозможено да се брани од слобода, препораките остануваат осудени на „притвор“. Според експерти, напредокот не се мери во фактот што денес никој не е избркан од Собранието, туку во тоа дали и колку пратениците ја „бркаат“ работата за која се избрани од граѓаните.

Се‘ друго го сметаат за „фолклор“. Дел од тоа е и гестот на пратеничката на СДСМ, Весна Бендевска, која својот настап во Собранието за расправата на Буџетот за 2014. година, не го искористи за говор, туку од мобилен телефон на пратениците од власта им ја пушти песната „Bella ciao“, која пред една година беше химна на опозицискиот „Отпор“.