1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

24 март - терапија за 24 декември

Настаните од 24 декември нема да се „залечат“ на 24 март, но локалните избори ќе значат враќање на сите субјекти во институционалниот процес и придонес во интегративната агенда, велат дипломатски извори.

СДСМ се најде во „лимбо ситуација" откако премиерот и претседателот на Собранието ја прифатија иницијативата на шефот на државата за формирање експертска комисија за утврдување на фактите за настаните од 24 декември во Собранието и со тоа одговорноста за неуспехот на иницијативата ја префрлија во кампусот на опозицијата. И Европската Комисија даде целосна поддршка и ги повика двете страни да ја прифатат иницијативата на Иванов, зад која аналитичарите препознаваат токму авторски печат на еврокомесарот Филе.

„Многу е важно да се истражат и анализираат настаните што претходеа, се случија и следеа по 24 декември. Заклучоците на таа комисија ќе бидат земени предвид и од страна на Европската комисија во подготовката на пролетниот извештај за Македонија", потенцира Петар Стано, портпарол на еврокомесарот за проширување, Штефан Филе. Поддршка за независна проценка на настаните од 24 декември и желба за враќање на политичкиот дијалог, изрази и шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија, амбасадорот Ралф Брет.

Неодговорноста е кај СДСМ

Wahlen in Mazedonien

Премиерот Груевски смета дека во ВМРО-ДПМНЕ ја докажала својата конструктивност.

„Фактот што СДСМ во многу краток рок ја одби оваа ваша иницијатива, говори само за нивната одговорност или подобро кажано неодговорност кон граѓаните и државата и го потврдува она што ние го велевме и она што на сите име е јасно - дека ова е само сценарио на Бранко Црвенковски за создавање хаос во државата, преку кое тој смета дека би можеле да се остварат неговите лични интереси", напиша Груевски во одговорот до Иванов. Премиерот со жалење констатира 'извесна доза на дискриминација' затоа што во комисијата се предвидени двајца претставници на предлог на опозицијата, а само еден на владејачкото мнозинство и смета дека учеството на претставник на меѓународната заедница не е најдобар пристап за легитимација на една суверена држава.

„Да, има сценарио, ама од страна на власта, која преку вакви ламентирања за дискриминации, сака да ја забошоти најголемата дискриминација што им се случи на демократските процеси во Македонија во 'црниот понеделник'", велат од СДСМ. Партијата останува на ставот дека кризата може да се реши само со политички договор за предвремени парламентарни избори. „Се додека власта се обидува настаните околу 24 декември да ги претстави во поинакво светло, создава предуслови за натамошно продлабочување на кризата. Проценките на власта дека ќе се намали кондицијата за 'улична демократија' се покажаа целосно погрешни, бидејќи протестите и граѓанските парламенти траат веќе 35 дена, и се повеќе се зголемува отпорот против режимот и притисокот кон Груевски", тврдат од опозицискиот фронт.

Уште две недели за игранка"

Неизвесноста дали опозицијата навистина ќе ги бојкотира локалните избори ќе трае до средината на февруари, кога истекува рокот за поднесување кандидатури за локалните избори. Ситуацијата ја усложнува фактот дека ОБСЕ/ОДИХР вообичаено не делегира голем број набљудувачи на локални избори, но според дипломатски избори, во овој случај може да биде побаран засилен мониторинг, ако тоа биде услов од кој зависи одржувањето на изборниот процес. Но од СДСМ, се категорични: „Ако Груевски сепак влезе во сценариото за организирање на нелегитимни локални избори, самиот ќе ги сноси сите последици од драматичното продлабочување на кризата".

Според дипломатски извори, ваквите непомирливи ставови бараат голема медијаторска енергија. „Остануваат уште малку денови за да се најде решение и да се реализираат избори кои ќе имаат легитимитет. Но, и европскиот оптимизам има граници, кои завршуваат пред штабовите на политичките субјекти. Настаните од 24 декември нема да се „залечат" на 24 март, но локалните избори ќе значат враќање на сите во институционалниот процес и придонес во интегративната агенда", велат тие и најавуваат разговори на европски претставници со македонските политички лидери. Дел од експертите сметаат дека шатл-дипломатијата не може да биде замена за нарушените стандарди на правната држава.

Професорот по кривично право, Ѓорѓе Марјановиќ, вели дека настаните од 24 декември покажаа дека во Македонија не постои рамнотежа на моќта. „Обидете се да ја проверите веродостојноста на правилото 'сите се еднакви пред законот', па ќе видите дека тоа е само убава желба на законодавецот. Мора да си признаеме, ние повторно станавме еднопартиска држава", вели тој.