24 лица загинаа во нередите во Картум по веста за смрта на потпретседателот Џон Гаранг
2 август 2005Утринава во главниот град Картум состојбата е мирна и нема информации за натамошни нереди. Гувернерот на областа Абдел Халим ал Мутафи потврди дека во нередите загинале 24 лица додавјќи дека уште најмалку десет биле повредени.
Во меѓувреме поранешното бунтовничко движење, сега партија „Граѓанско движење за слобода„ го именуваше Салва Киир за наследник на Гаранг, на функцијата потпретседател. Салва Киир ќе продолжи да ја извршува функцијата во првата коалициона влада по повеќе од 20 години граѓанска војна:
„ Јужен Судан и додуша цел Судан го загуби својот мил син, др.Џон Гаранг„ беа зборовите на почит на Киир, кој досега беше втор човек на движењето.
Граѓанското движење за слобода го повика народот во Судан да остѕане мирен во овие тешки моменти, со цел да бидат спречени евентуалните обиди на непријателите на мирот да ја искористат оваа ситуација.
Генералниот секретар на ОН Кофи Анан изрази жалење заради смртта на Гаранг:
„ Имавме човек кој живееше и се бореше за мир и обединет Судан. И токму кога беше на граница да го постигне тоа за што живееше тој замина. Она што е важно во моментов е Судан да продолжи со мировниот процес„ рече Анан додавајќи
„ Имав можност да разговарам со претседателот Ал Бешир, кој ме увери дека ќе продолжат во спроведување на мировниот процес и заедничкото дејствување со лидерите на Граѓанското движење за слобода„ рече Кофи Анан
Џон Гаранг потпретседателската функција на Судан ја превзеде пред околу две недели. Загина во хеликоптерска несреќа заедно со уште 13 лица, во близина на границата со Уганда. Причината за несреќата според официјалното соопштение било силното невреме. Делод водечките преставници на движењето се сомневаат дека смртта на Гаранг не била случајна.