1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

22 години самостојна Македонија

Македонија денеска одбележува 22 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Убедливо мнозинство, над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година, позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991. година. Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991. во Собранието на Република Македонија.

Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17. ноември 1991. година. Сенка врз настаните со кои се поставија темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на новиот Устав од пратениците Албанци. Десет години подоцна Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 година и потпишувањето на Рамковниот договор.

Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина... Државата монетарно се осамостои со воведување на денарот на 26. април 1992, а потоа доби и своја Армија, која роденденот го слави на 18. август.

Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8. април 1993. година, кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа македонското уставно име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија. Под покровителство на ОН, Скопје и Атина почнаа разговори за решавање на проблемот, кои се уште траат.

Македонија досега има воспоставено дипломатски односи со 170 држави во светот, а под уставното име е призната од 135, меѓу кои и од три постојани членки на Советот за безбедност на ОН - САД, Русија и Кина.

Во изминатите 22 години самостојно живеење македонската држава мина низ низа проблеми и тешкотии. Трицифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001. година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава, коишто го забавија нејзиниот пат кон остварувањето на стратегиските цели - зацврстување на демократијата, економски развој и интеграција во евроатлантските структури.

Последниве години ги одбележа процесот на прилагодување на законодавството кон легислативата на Европската унија, децентрализација на власта, реформите во одбраната потребни за членство во НАТО.

И покрај исполнувањето на сите критериуми за полноправно членство во НАТО на Самитот на Алијансата во Букурешт во април 2008. година, Република Македонија доби само условена покана за членство, откако Грција поради спорот за името го блокира приемот.

Во 2005. година Македонија доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ, а во 2008. и препорака од ЕК за почеток на пристапните преговори со Унијата, која беше повторена и годинава. Грција, по примерот со НАТО, ја блокира и македонската евроинтеграција, условувајќи со претходно решавање на прашањето за името.

Дваесет и вториот роденден од осамостојувањето Македонија го минува во очекување на новиот извештај од Брисел за напредокот на земјата на патот кон евроинтеграциите, како и датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Денот на независноста - 8 Септември, под мотото „Нашето единство, наша победа“, се одбележува со повеќе спортски, културни и музички настани.

По повод Денот на незавиноста, вечер ќе биде одржана Свечена академија во Македонската опера и балет, на која ќе говори претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, а ден претходно прием приреди претседателот на Собранието Трајко Вељаноски. Одбележувањето ќе биде заокружено вечер со концерт на плоштадот Карпошово востание во Скопје, во организација на Агенцијата за млади и спорт.