1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

22 години независност: Години на надежи и пропуштени шанси

Катерина Блажевска6 септември 2013

По 22 години независност на Македонија, во оценките на аналитичарите доминира незадоволство што транзицијата од голема надеж се претвори во големо разочарување

https://p.dw.com/p/19czq
Фотографија: Dnevnik

Референдум за независност, меѓународно признавање, заминување на ЈНА, грчко ембарго, приватизација, атентат врз претседателот, бегалска криза, конфликт во 2001, Охридски договор... Турбулентни политички настани стојат зад 22-годишната независност на Република Македонија, а пред неа уште повеќе предизвици. Сите тие ја ставија на тест способноста на политичките елити за развој на државата. Осми септември за аналитичарите е голем предизвик за билансирање на состојбите 1991-2013. Каде е Македонија денес?

Клиентелистички модел

Според социологот Петар Атанасов, трите процеси кои најмногу ја продолжија транзицијата се неправедниот процес на приватизација, нерешавањето на проблемот со Грција и незиградбата на соодветен модел кој ќе ги интегрира разликите во македонското општество - етничките, религиските и социјалните.

„Првата деценија беше проследена со детски болести на демократијата. Втората искристализира еден клиентелистички модел на владеење, во кој секој и сѐ може да се купи за да работи за каузата на одредена партија. Тој модел успешно ги проголта и партиите на Албанците. Тоа не е резултат на случајности, туку системски производ на демократска влада која ги користи сите недемократски средства на владеење, корумпирајќи ги судството, медиумите, бизнисот, граѓанското општество. Затоа Македонија доживува циклични кризи и пад на сите листи со индикатори за демократските процеси", вели Атанасов.

Според Индексот за човечкиот развој ( ХДИ) кој го пресметуваат експерти на ОН, Македонија во 2002 година беше на 65 место во светот, во 2004 на 60, а во 2012 година на 78 место од рангираните држави. Во истите години Хрватска беше на 48, 48 и 47 место; Словенија на 29, 27 и 21 место; БиХ во 2004 на 66, а во 2012 на 81 место. Србија е подоцна вклучена во овие мерења и во 2012 е рангирана на 64 место, 14 места пред Македонија.

Mazedonien Land und Leute
Петар ГошевФотографија: DW/Stojanovski

Новатриумфална" капија

Петар Гошев еден од клучните политички фигури на македонската демократска пролет, не го крие незадволството што македонската транзиција од голема надеж се претвори во големо разочарување.

„Предностите стекнати со фактот дека не заобиколија војните од '90-тите, исчезнаа поради некадарноста на управувачките гарнитури да го разберат времето во кое живееме и поради алчноста за моќ и пари. Клучните трендови говорат дека се топиме како сладолед на сонце. Само Македонија и Босна и Херцеговина назадуваат во регионот", оценува Гошев. Поранешниот гувернер на НБРМ, укажува дека слабиот раст на БДП и националното богатство и нивната неправична дистрибуција, резултираа со невработеност на 31 отсто од работоспособното население и со над една третина домаќинства кои живеат под линијата на сиромаштијата.

„Состојбата со основната инфраструктура е многу полоша од пред две децении, а образованието и здравствената грижа се со послаб квалитет. Нема видлив техничко-технолошки развој. Зголемените кршења на човековите права и супституцијата на демократијата со автократското управување, произведоа огромно оштетување на човечкиот капитал. Од 1991 до 2012 бројот на вкупното население се зголемил само за петнаесетина илјади жители. Годишната стапка на прираст е намалена за повеќе од 5 пати. Во ЕУ се исселиле околу 237.000 жители на Македонија или над 11 отсто од вкупното население. Се чини дека е време за нова триумфална капија, иронично констатира Гошев.

Изгубени шест милијарди евра

Генерациите родени со независноста на Македонија израснаа со приказни дека сѐ ќе биде подобро по влезот на Македнија во ЕУ. Денес имаат 22 години, факултетско образование, евиденциски број во Агенцијата за вработување и желба да живеат и работат во обединета Европа. Каде „заглави" нивниот сон? Лидија Димова од Македонскиот центар за европско образование, вели дека во однос на европската агенда на Македонија помина низ неколку фази. Првата, од осамостојувањето до 1998 година, ја нарекува почетна фаза која трае долго, главно поради спорот за името. Втората, развиена фаза, е од периодот 1999 до 2006 година кога Македонија забрзано се интегрира во ЕУ, на рамна нога со Хрватска, па дури и побрзо од неа во некои битни сегменти, на пример, во делот на поглавјето 23 - Судство и темелни права.

„Третата е 'фаза на пропаганда' во која се создава впечаток дека европската интеграција е приоритет на Македонија, а се работи на одолговлекување на европската иднина. Главната улога во оваа фаза ја играат медиумите. Колку повеќе се одолговлекува пристапувањето во ЕУ, толку повеќе се одлагаат вистинските реформи и толку посилно медиумите ја продаваат приказната дека виновникот за ваквата состојба е ЕУ, Грција, Бугарија, економската криза, „соросоидите" итн. Вистинското прашање е колку тоа ја чини Македонија. Кога станува збор за интеграцијата во ЕУ, цената е точно определена - 6 милијарди евра! Ако Македонија, заедно со Хрватска станеше држава-членка, што беше извесно до 2006 година, тогаш од буџетот на ЕУ за периодот 2014-2020, Македонија ќе добиеше околу 6 милјарди евра неповратна помош, односно ќе имаше речиси 50 отсто поголем буџет кој ќе мораше да го користи за развој, а не за плати и мебел на институциите", потенцира Димова.

Kiro Gligorov
Киро Глигоров на прославата по објавувањето на независноста на РМФотографија: Dnevnik

Победнички дух

Првата честитка за Денот на независноста, пристигна од САД. Американскиот државен секретар, Џон Кери, во име на претседателот Барак Обама, вели дека Република Македонија постигна значителен напредок од независноста. „Со задоволство го продолжуваме партнерството додека градите демократска и просперитетна држава. Се уште има работа која треба да се заврши, но убедени сме во духот и решителноста на народот на Македонија. Веруваме дека како конструктивен сосед и партнер, Македонија може многу да придонесе во Западен Балкан и во пошироката евроатланска заедница", се вели во честитката.

Такви се и надежите во земјата. Празникот ќе биде прославен со голем поп-рок концерт и серија спортски манифестации, со образложение дека спортот гради здрава нација, промовира победнички дух и ја сплотува нацијата во исчекување на заедничкиот успех. „Македонскиот маратон" и натаму останува главна дисциплина.