1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

2015-та краен рок за мерки против затоплувањето на земјината клима

17 ноември 2007

И да остане емисијата на јаглен-диоксид на денешно ниво, ситуацијата нема да се стабилизира. Решенија за проблемот има, но потребна е политичка волја. САД воздржани во однос на извештајот на Советот за клима на ОН.

https://p.dw.com/p/CIPT
Бан Ки Мун при претставувањето на извештајот на Советот за клима на ОН во ВенецијаФотографија: AP

Светскиот совет за климата во најновиот, четврти извештај за климата објавен денеска, ургентно предупреди на последиците од затоплувањето на планетава. Истражувачите и политичарите во него појасно отколку било кога досега го означуваат човекот како предизвикувач на земјиното затоплување.

Само уште до 2015-та година останува време за да се запре порастот на испуштањето гасови штетни за климата. Дури и кога концентрацијата на јаглен диоксид би останала на денешното ниво, тоа не би го стабилизирало порастот на нивото на морето за наредните столетија. Во последните 40-ина години се проширија сушните подрачја. Во опасност за изумирање се 20 до 30 насто од познатите животински и растителни видови, истакна денеска, на крајот од петдневните консултации во Валенсија, претседателот на Советот за клима на ОН Раџендра Пачаури.

Бан: научниците ја извршија својата работа, сега се владите на потег

„Најлошите сценарија на Светскиот климатски совет се застрашувачки како во научно-фантастичен филм“, рече генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун при претставувањето на извештајот во Валенција и додаде: „Пораката што ја содржи не може да биде поедноставна. Заканата од промена на климата е реална, но во него има и конкретни расположливи патишта за постапување со таа закана“.

Според Бан, извештајот е основа за претстојаната Конференција на ОН за климатските промени, што ќе започне по две недели на индонезискиот остров Бали. Генералниот секретар на ОН го нагласи посебното значење на тој собир: „Владите треба да изнајдат политички решенија за она, за што сега имаме вистински научно утврдени факти. Нужен е пробив за постигнување согласност за почеток на преговори за издржан договор што сите нации ќе можат да го прифатат и применат. Научниците ја извршија својата работа, сега ги повикувам политичките лидери и тие да го сторат своето и да се согласат не само за почеток на преговори, туку и нив да ги завршат до 2009-та година“.

Задршки на САД за извештајот, но не и за потребата да се дејствува

САД сметаат дека нема недвосмислена научна дефиниција на ризиците за промена на климата, е нагласено од редовите на американската делегација. Заклучоците во извештајот Американците ги оценуваат како „интерпретација“ и „политичко решение“. Сепак, и САД сметаат дека мора да се дејствува и оти мора да се унапредуваат технологии кои ќе овозможат трајно решение на проблемот.

ДПА, АФП / З. Јордановски