1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

2014. - преломна година за САД и Обама?

Антје Пасенхајм/ Жана Ацеска11 јануари 2014

На крајот на јануари американскиот претседател ќе и‘ се обрати на нацијата. Од економски аспект, на земјата и‘ оди подобро, но на политички план 2014. година може пак да донесе проблеми, како дома, така и во странство

https://p.dw.com/p/1AoW9
Фотографија: picture alliance/AP Photo

„Цврсто сум уверен дека 2014. година за САД ќе биде преломна година“, изјави Барак Обама пред новинарите неодамна во Вашингтон.

Од економски аспект, базата за ваков оптимизам со години не била подобра, смета и Вилијам Галстон од тинк-тенк институцијата Брукинг:

„Фискалната кочница е отстранета, извозот оди со полна пареа, продуктивноста повторно се зголемува. Приватните долгови се намалени, за жал не и владините“, вели Галстон за Дојче веле.

William Galston
Вилијам ГалстонФотографија: DW/A. Passenheim

Сличен биланс извлекува и Најл Кинг од „Вол стрит џурнал“ на интернет: „На берзите владее полет, а и пазарот на труд се опоравува“. Но, шансите за вистинска соработка меѓу претседателот и Конгресот се ограничени, како и порано. „Изгледите за 2014. година во овој поглед не се посебно добри“, вели Кинг.

Тоа важи посебно за двата нерешени проблеми од претходната година: аферата НСА и здравствената реформа. Уште во јануари Обама ќе соопшти дали ќе притиска на суштинска реформа на тајните служби, како што бара експертска комисија. Потоа ќе се покаже и дали неговата спорна здравствена реформа, која имаше неуспешен старт, ќе успее да профункционира. Со т.н. Обамакер, претседателот сакаше да овозможи здравствено осигурување за околу 30 милиони дотогаш неосигурани граѓани. По нефункционирањето на веб-страницата за пријавување на почетокот, само седум милиони луѓе склучија ново здравствено осигурување. За проектот да се реализира, граѓаните треба да побрзаат до пролет.

Obama wirbt für Gesundheitsreform
Обама агитира за здравствената реформаФотографија: picture-alliance/dpa

Натегања со Конгресот

Во февруари во Конгресот повторно се актуелизира постојано жешката тема: подигање на горната граница на државните задолжувања. „Тоа ќе биде клучно испробување на силите“, вели Галстон, поранешен политички советник на претседателот Бил Клинтон.

„Републиканците бараат одредени политички отстапки за возврат за подигање на горната граница на задолжувањата. Претседателот пак есеноска најави дека тој нема да се пазари“.

Предизборни тактизирања

Воочи изборот за нов состав на Конгресот во ноември, администрацијата на Обама има добри изгледи да „провлече“ уште некои социјални проекти, како продолжување на рокот во кој невработените примаат парична поддршка, како и подигнување на законски утврдената минимална плата од 7,25 долари сатнина на 10 долари. Галстон верува дека овие намери Обама може да ги спроведе во Конгресот и без конфликти, зашто тешко дека Републиканците ќе гласаат против или ќе блокираат вакви популарни мерки пред избори за Конгресот. Слична е ситуацијата и со доселувањето. Компромисот на Обама, според кого 12 милиони луѓе кои живеат како илегални доселеници во САД, конечно би добиле документи за престој, а за возврат би биле зајакнати контролите на границите, Републиканската партија лани го отфрли. Но, сега и Републиканците стремат кон компромис, зашто не сакаат конфронтација со моќното латиноамериканско изборно тело на кое оваа промена најмногу и се однесува. Обама во секој случај би можел да профитира: или ќе добие закон за кој се залага или политичка наклоност на латиноамериканските гласачи, смета Галстон.

Надворешнополитички замки

Помалку изгледи за собирање политички поени Обама има на надворешнополитички план. Било ако се работи за повлекувањето на трупите од Авганистан, експлозијата на насилство во Ирак, граѓанската војна во Сирија, вечниот судир меѓу Израел и Палестинците: на ниеден план Обама не може да очекува поддршка на избирачите. Мнозинството Американци е сито од војни и слични авантури во странство и единствено сака концентрирање на внатрешните проблеми во земјата. Аналитичарите се сигурни во едно: ако Обама сака нешто да промени, тоа мора да го направи оваа година. Следната година во ова време главна тема ќе биде - кој ќе стане политички наследник на Обама. Засега се‘ укажува на едно име: Хилари Клинтон. Според испитувањата на јавното мислење, спроведено од приватниот американски универзитет Квинипиак, мнозинството Американци во Клинтон гледаат фаворит за следен кандидат на Демократската партија за американски претседател.