1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

2013-та година на Рихард Вагнер

2013. година во голем дел ќе биде одбележана и од јубилејот - 200 години од раѓањето на композиторот Рихард Вагнер. Низ цела Германија неговите обожуватели ќе имаат можност да уживаат во делата на овој голем уметник.

„Минатата година конечно добив влезница за Вагнеровиот фестивал по 10 години чекање. Конечно“, кажува Клаудија Долингер од Бајројт и во шега додава дека е општо познато дека населението во градот во кој во летните месеци се одржува прочуениот фестивал на Вагнеровата музика, по правило секогаш последни доаѓаат до влезници.

Но, ваквата долга процедура и чекање се всушност сосема вообичаени. Ако не станува збор за германската канцеларка и гостите од највисокиот германски и светски политички врв, обичните смртници, пред да стигнат до влезница ќе се изначекаат. Од целиот свет секоја година стигнуваат барања за влезници, по писмен пат или преку интернет. Листите на чекање се бескрајно долги, а времето на чекање, како што е случај со Долингер, може да трае и цело десетлетие. Цените се движат помеѓу 8 и 280 евра. За да се намали бројот на години на чекање, во последно време раководителите на Вагнеровиот музички фестивал се’ помал број на карти им доделуваат на разни спонзори или здруженија. „Минатата година дури 70 насто од картите беа во т.н. слободна продажба“, кажува Дилингер.

Deutsche Oper Berlin Parsifal

Сцена од операта „Парсифал“

Но, во 2013. година, љубителите на музиката на Рихард Вагнер во Бајројт ќе имаат добивка и вон сезоната. Со оглед дека во годината што претстои се обележуваат 200. години од раѓањето на големиот композитор, концерти и опери во Германија ќе можат да се посетат и на многу други места и тоа без посебно чекање. На пример, операта Семпер во Дрезден го нуди веќе во јануари Вагнеровиот „Лоенгрин“ (карти се’ уште има) под водство на германскиот диригент Кристијан Тилеман. Во Рудолштат во текот на наредната година ќе се прикажува Вагнеровата мелодрама „Сон на вечна љубов“.

Вагнер на Вартбург

Една од Вагнеровите најпопуларни опери „Танхојзер“, ќе се прикажува исто така на едно „автентично место“, во Ајзенах, во дворецот Вартбург и тоа 8 пати во текот на 2013-та година. Иако влезниците се одамна распродадени, организаторите порачуваат дека може телефонски или по пат на интернет да се прати барање и да се стави името на листа на чекање. Најнеобичниот настан врзан за 200. годишнината од Вагнеровото раѓање, ќе се случи во Лајпциг. Во родниот град на германскиот композитор со години се одржува „Готик фестивал“ кој во 2013 ќе биде отворен со Вагнеровата опера „Парсифал“.

Festsaal der Wartburg

Салата за свечености во дворецот Вартбург во Ајзенах

А што се однесува за Бајројт, овде секако ниту оваа година нема да недостасува публика. Освен Вагнеровиот фестивал, на публиката оваа година ќе и се понуди и слушање на Вагнеровите драми во живо, овој пат текстот ќе го чита германскиот актер Стефан Камински. Љубителите на германскиот уметник уште сега се радуваат на овој настан. На пример, на социјалната мрежа Фејбук веќе сега можат да се најдат записи како: „Конечно ќе го слушаме Вагнер од кого е симната прашината, Вагнер во ново издание!“ Со други зборови, годината која што започна, барем кога станува збор за одбележувањето на оваа годишнина, сигурно нема да биде здодевна.