1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

2011-та, година на екипните спортови

Ако во минатото поединечните спортови: борењето, боксот, кајакот, резултатски ги имале најдоминантните личности, спортската 2011-та во Македонија е повеќе во знакот на колективните остварувања.

default

Кошаркарите приредија вистинска сензација

Никогаш досега Македонија не доживаеала таква обземеност, како што беше во деновите на европското кошаркарско првенство во Литванија. Националната селекција, испратена со скромни желби, од ден на ден ја ковеше магичната спортска приказна. Се редеа победничките епизоди против БиХ, Хрватска, Грција и Грузија за место во четвртфиналето. Кулминација беше триумфот над моќната Литванија...Македонија влезе во битка за медал. Антиќ, МекКејлеб,Илиевски, Гечевски, целиот состав, имаше дури и победничко прво полувреме против Шпанија...Само еден мал чекор, еден погодок против Русија ја делеше од бронзениот медал. Цела Македонија беше на нозе. Македонска спортска рапсодија. Хероите од Литванија беа достојно пречекани во Скопје. Марин Докузовски, мудриот македонски стратег ги враќа сеќавањата ...

„Моментите што се случија во Литванија навистина се незаборавни, ќе останат врежани во мене за цел живот. Особено враќањето од таму, кога целиот македонски народ излезе да не‘ пречека“.

Кошаркарскиот состав-екипно, а капитенот Перо Антиќ поединечно се македонските спортски лауреати на годината.

Успехот во Литванија, инаку има дополнително поглавје. Македонија обезбеди квалификации за Олимписките игри. Од 2-8 јули во Венецуела ќе ја бие битката за Лондон.

Ракометарите и ватерполистите на сцена

Ракометната репрезентација на Македонија оди по стапките на кошаркарската. Успешно ги мина квалификациите за Европското првенство во Србија, чиј почеток е за неполни 3 недели. Капитенот Кире Лазаров оценува дека е ова голем успех на македонскиот ракомет.

Mazedonien Handball Kiril Lazarov

Кирил Лазаров

„Покажавме дека како колектив сме цврсти, сме јаки и дека против Босна и Херцеговина и Естонија многу го посакувавме ова Европско првенство. На крај ја остваривме целта. Минавме тежок пат со многу проблеми. Оваа генерација заслужува да игра на едно Европско првенство. Полека почнавме да се подготвуваме и јас се надевам дека добро ќе се претставиме и дека нема тука да застанеме.“

Во друштвото на успешни е македонската ватерполо репрезентација. Континуитетот не е прекинат-обезбедено е учество на Европското првенство во Холандија, чиј термин за одржување е исто така се‘ поблиску, во јануари 2012-та. Клуч на успехот беа бараж натпреварите против Франција, особено реваншот во Скопје, во кој Македонија демонстрираше висок квалитет во однос на противникот. Во Ајндховен желба е, обезбедување квалификации за Олимписките игри.

Илиевска-спортска примадона

Првата македонска спортска дама во 2011-та останува каратистката Наташа Илиевска. Признанијата се еднодушни, темелени врз резултатите на Илиевска: златен медал на Европското првенство во Цирих во борби во категоријата до 55 килограми, најуспашна во Премиер карате лигата, прворангирана на светската листа во својата категорија. Има таа и нови свои предизвици:

Mazedonien Natasa Ilievska Karate Karatemeisterin

Наташа Илиевска

„Ова е врв на мојата досегашна кариера. Се‘ што можев да посакам, успеав да направам. Се искачив на три врва, на европскиот, на светскиот. Посакувам, во иднина само да се повторува оваа година.Сакам златен медал од светските првенства, кој ми недостига. Шансата е во 2012-та, така што целата моја и енергија и мотивација се насочени кон овој настан.“

Фудбалско урнисување

Ако се бара главното спортско промашување во 2011-та, тоа без дилема е македонската фудбалска репрезентација. Катастрофално лошо се завршени квалификации за Европското првенство, на претпоследното место, во групата во која беа Русија, Република Ирска, Ерменија, Словачка и Андора. Ова резултира со урнисување на ранкинг-листата на ФИФА на 103-то место. Еден од најискусните, Николче Новески е објективен во оценката за направеното:

Nikolce Noveski im Eigentorpech

Николче Новески

„Не ни одеше онака , како што сите ние посакувавме. Имавме неколку квалификациски натпревари, во кои не ги оствариме замислените резултати. Се менуваа многу играчи, се менуваше постојано составот, дојде нов тренер... Во никој случај не смееме да бидеме задоволни од она што се случуваше во 2012 година“. На клупски план Шкендија од Тетово се здоби со шампионскиот примат, а соседите од Градскиот Парк, Работнички и Вардар имаа дијаметрално спротивна крива на успешноста. Од голем хит на летото во Лигата на Европа со мечеви против Анортозис и Лацио, Работнички се соочи со големата допинг-афера, а во првенството падна на многу ниски гранки.

Вардар пак, откако по административен пат ја избегна преселбата во Втората лига, од пепелта брзо се крена до лидер на половината од тековното првенство без пораз.

Автор: Златко Калински

Редактор: Ж.Ацеска