1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

2010 година-клучна за сонот на Обама

Годинава во Њујорк треба да се одржи осмата конференција за проверка на придржувањето кон Спогодбата за неширење на атомското оружје. Оптимизам буди декларираниот стремеж на Барак Обама за свет без атомско оружје.

default

На почетокот на мај годинава во Њујорк се среќаваат претставници на 189 земји потписнички на Спогодбата за неширење на атомското оружје за да проверат како тече придржувањето кон договорот. Ова е осма ваква конференција откако Спогодбата стапи во сила во 1970 година и речиси сите завршија без никаков напредок.

Конференцијата во мај е од големо значење, смета експертот за разоружување Вим Боувен, поранешен инспектор за оружје на ОН во Ирак, а денес професор по меѓународни безбедносни прашања во Кингс колеџот во Лондон.

„ Овојпат тоа е особено критичен момент. Пред пет години немаше консензус за тоа како да се зајакне системот за неширење на атомското оружје“.

Обама разбуди големи надежи

Четирите конференции за проверка на придржувањето кон Спогодбата беа главно одбележани од критиката за неподготвеноста на САД и останатите четири-пет официјално признати атомски сили, да ги исполнат договорените обврски за намалување на нивните арсенали. Последната конференција во 2005 година, поради ова спорно прашање заврши без задничка завршна декларација. Повторен неуспех во мај годинава би можел да значи и крај за Спогодбата за неширење на атомското оружје. Надежи дека до тоа нема да дојде и оти 2010 можеби би можела да биде година на атомското разоружување разбуди американскиот претседател барак Обама пред осум месеци во неговиот говор во Прага:

„Така денеска изјавувам јасно и со уверување дека Америка ќе се стреми кон мир и безбедност во свет без атомско оружје“.

Obama wirbt für eine atomwaffenfreie Welt in Prag Flash-Galerie

Обама во говорот во прага се заложи за свет без атомско оружје

Тоа беше првпат еден американски претседател да се изјасни за визијата за свет без атомско оружје. Обама притоа посочи и неколку конкретни чекори на патот дотаму. Меѓу нив беа постигнувањето на согласност со Русија за наследник на Договорот СТАРТ за намалување на стратешкото атомско вооружување како и брзата ратификација на Спогодбата за запирање на атомските проби во американскиот Сенат. Покрај тоа, Обама уште во говорот во Прага барем реторички го ублажи конфликтот околу спорната иранска атомска програма, кој континуирано ескелира од почетокот на 2005 година и изрази подготвеност за изнаоѓање дипломатско решение заедно со владата во Техеран. Спроведувањето на овие три претпоставки навистина би можеле да ги зголемат шансите за успешна конференција за проверка на придржувањето кон Спогодбата за неширење на атомското оружје.

Клучен е спорот околу иранската атомска програма

Меѓутоа, првиот чекор, склучувањето на нов СТАРТ договор со Русија до крајот на 2009 година не успеа и покрај интензивните преговори. Тие би можеле да траат до мај, велат преговарачките делегации на двете страни. Најавената брза ратификација на Договорот за запирање на атомските проби пак наидува на се‘ поголем отпор кај опозициските републиканци во Вашингтон, кои визијата за свет без атомско оружје ја сметат за предавство на американските безбедносни интереси.

Најголем ризик за неуспех на конференцијата меѓутоа претставува конфликтот околу иранската атомска програма, кој веројатно се наоѓа пред нова ескалација. На заканите на Западот за заострување на санциите кон Иран , Властите во Техеран би можеле да реагираат со повлекување на потписот на Спогодбата на неширење на атомското оружје:

„ Доколку Иран се откаже од Спогодбата, тоа би можело да има огромни последици на Блискиот Исток и да и бидат нанесени огромни штети на Спогодбата за неширење на атомското оружје“, вели професорот Вим Боуен.

Значи не е исклучено дека 2010 наместо година на напредок би можела лесно да се претвори година на назадување во атомското разоружување.

Автор: Андреас Цумах/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска