1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

2009- година на економско живуркање

31 декември 2009

Пад на индустриското производство, зголемена невработеност и сиромаштија, штрајкови на измамени земјоделци, очаен животен стандард. Дали 2010 година ќе отвори подобри перспективи за македонската економија?

https://p.dw.com/p/LGyX
Година на економско назадување и социјални протести. фото: Од протестите на ССМФотографија: Petr Stojanovski

2009 не е година за фалење со економските резултати. Изминатите 12 месеци требаше да се преживеат со што е можно помалку последици. Разбрануваното море ја зафати македонската економија која постепено се враќаше во форма, зголемените стапки на раст во изминатите години беа сосечени од ефектите на глобалната криза. Македонските граѓани кои сеуште не ги почуствуваа ефекти од долготрајната транзиција и болните реформи повторно беа обземени со чуството на криза без крај. Наместо да добие реална потврда во подобар живот отпимизмот што го креираше владата се распрсна како меур од сапуница. Луѓето одново се натоварија со старите маки сиромаштија, невработеност, скапотија.

“Се нема, кризата фати. Сиромаштија неможеш да си допупштиш повеќе освен леб и млеко да купиш. Катастрофа е, од година во година се потешко се живее“.

Последици од гасната криза

Годината почна со неизвесност и студ. Окована во мраз Македонија како и поголемиот дел од Европа стана жртва во пресметката на Москва и Киев. Секна гасот, фабриките што работат на овој енерген ги исгаснаа печките.

“Оваа ситуација е недозволива, заради две земји и нивните билатерални проблеми да се доведе во прашање енергетската безбедност на ЕУ и на Македонија“, реагираше Владата преку тогашниот евроинтегративец Ивица Боцевски, иако проблемот воопшто не зависеше од неа.

Секнувањето на гасните вентилите го предизвикаа првиот бран на отпуштање, потоа кризата ги зеде работите во свои раце и удри по металургијата. Фени, Макстил, Силмак, пресметуваа загуби и броеја вишоци на вработени. Државата подготвуваше антикризни мерки, девизните резерви беа впрегнати во одбрана на стабилноста на финансискиот сектор и реалната економија. Топењето на државното девизно салдо донесе страв од девалвација.

Ќе има ли девалвација?

“Дали овој страв е оправдан, кој е мотивот на заговарачите на девалвација и дали постои реална опасност да дојде до тоа?

“Од некои кругови доаѓаат такви навестувања кои што се сосема ирационални“, ги уверуваше пратениците министерот за финансии Трајко Славевски кој на средината на годината го напушти владиниот тим.

Непоколебливата антидевалвациска политика на монетарните власти добиваше постојана поддршка од најголемиот број на економски аналитичари. Универзитетскиот професор Горан Петрески тврди дека девалвацијата би била повеќе штетна отколку корисна.

Mazedonien Land und Leute
Непоколеблив во политиката на стабилен курс на денарот. Гувернерот на НБМ, Петар ГошевФотографија: DW/Stojanovski

“Замислете што би се случило при евентуална девалвација со обврските на фирмите во однос на кредитите што ги користат од банките“.

На крајот на 2009 во интервју за Дојче Веле гувернерот на Централната Банка Петар Гошев беше категоричен дека ниту во наредниот период не е предвидено менување на политиката на стабилен девизен курс.

“Стратегија на монетарната политика е стабилен девизен курс, како посредна цел преку која што успеваме да ја одржиме стабилноста на цените. Таа политика останува и во наредниот период оти досега добро и служеше на економијата и нема причини особено во ова време да размислуваме за промена на монетарната стратегија“.

Додека стариот континент мрзнеше во очекување на разврска на руско украинсакта пресметка за гасот, во Македонија владата целосно ги замрзна односите со еден од најголемите странски инвеститори во земјата. До отворен судир со ЕВН дојде откако македонксите судови и наложија на автриската компанија да плати отшетата од 200 милиони евра. Се вознемирија духовите во меѓународната заедница. Странските амбасадори почнаа да лобираат за австриската енергетска компанија, домашните политичари невешто го објаснуваа коренот на проблемот.

„Војна“ на Владата и ЕВН

“ЕВН не сака да ги почитува институциите на РМ“, обвинуваше Влатко Чинговски човекот од владечката гарнитура задолжен за енерегетскиот сектор. Европретсавникот Ерван Фуере ја критикуваше одлуката на македонскиот суд а автрискиот амбасадор Алојз Краут бараше од премиерот Никола Груевски коректен третман на компанијата од неговата земја.

“Независноста на судството е особено важно и ние сме загрижени околу развојот на случувањата со ЕВН, поради пораката што им се праќа на потенцијалните странски инвеститори. Затоа е важно да се расчисти овој случај“, апелираше Фуере.

Битката кулминираше во тужба на адреса на државата пред арбитражата во Вашингтон, но при крајот на годината Апелацискиот суд во Скопје ја поништи спорната пресуда на првостепениот суд и ги ослободи австријците од обрската за милионска отштета. За разлика од горчливото искуство на бизнисмените од Австрија инвеститорите од Грција спокојно тераа бизнис во Македонија и покрај нарушените политичи односи меѓу двете земји. Македонските летувалци пак по ланското ембарго испровоцирано од ветото во Букурешт во 2009 масовно се вратија на плажите на Халкидики.

Mazedonien Land und Leute Industrie Feni Nickelhersteller
Тешката индустрија, најжестоко погодена од кризата. фото: Фабриката ФЕНИ во КавадарциФотографија: Petr Stojanovski

“Политичарите да ги решаваат проблемите а да ги остават граѓаните да си тераат одмори и трговија“.

Во туристичките агенции не криеја која е најбарана дестинација за летување.

“Грција дефинитивно е најбарана“.

Странски инвеститори- ни за лек!

Веројатно повеќе поради глобалната криза а помалку поради примерот на ЕВН, најавените странски инвестиции ги одложуваа проектите, потенцијалните инвеститори ги ревидираа плановите.

2009 може да се прогласи за година на нерализирани инвестиции. Турски ТАВ ја одложи за март 2010 реконструкцијата на аеродромот, ги нема француски Монтипе и турски Шишеџам кои најавија отворање фабрики во Македонија. Обемот на директни странски инвестиции, според последните податоци на Народна банка заклучно со септември изнесува 128, 9 милиони долари. Министерот задолжен за странки инвестиции Веле Самак ја уверуваше јавноста дека Македонија и во оваа свера минува многу подобро од останатите земји соочени со криза.

“Во последниве месеци има инвестиции или инвестициски повлекувања. Во РМ и покрај намаленото ниво сеуште станува збор за инвестиции“.

Истиот рецепт се применуваше и кога статистиката почна да бележи двоцифрени падови на индустриското производство. Владата ги уверуваше граѓаните дека и од лошо има полошо.

“Кога во Македонија има вакви падови, се разбира предизвикани од економската криза, во еврозоната падот на индустриското производство е уште поголем“.

Економската политика на премиерот Никола Груевски жестоко ја критукуваше неговиот поранешен политички ментор. Љубчо Георгиевски во интервју за Дојче Веле анализираше.

“Резултатот на оваа владина политика ќе биде или енормно задолжување на државата или тешки економски последици“.

EVN Tochterfirma der niederösterreichischen Energie Versorgung
Апелациониот суд во Скопје ја ослободи ЕВН од обрската за милионска отштетаФотографија: Petr Stojanovski

Измамени сточари и земјоделци

Во 2009 најмногу се разлутија стоачарите. Измамени и ограбени, заглавија милиони евра во млекарницата Свед Милк. Странскиот газда избега од Македонија, Владата не им се најде како што очекуваа тие. Во 2009 забави кредитирањето, пораснаа банкарските камати, стана тешко речиси невозможно да се дојде до свежи пари. Рестриктивната монетарна политика ги принуди банкарите да ги заострат условите за добивање кредит.

Во втората половина на годината стана јасно дека зацртаните макроекономски проекции се недостижни, економијата влезе во рецесија, но надежта дека светот брзо ќе се извлече од длабоката криза донесе извесна стабилизација и во Македонија. Како што закрепнуваа економските џинови така се враќаше оптимизмот во македонското стопанство.

“Верувам дека способноста на владата да се справи со ваква екомска криза покажува дека во иднина имаме добри перспективи Македонија да ги врати стапките на раст од 2007 и 2008 се разбира највисоки во историјата на независна Македонија“, вели министерот за финансии Зоран Ставревски иако и на економски најнеупатениот прогнозер му е кристално јасно дека 2010 нема да биде нималку полесна и подобра година за бизнис од кризната 2009. Очекувањата на политичарите се разликуваат од аспектот на набљудување. Опозицинерите Весна Бендевска и Ристо Пенов од 2010 очекуваат:

“Тешка година за стопанството. Ќе имаме се’ посиромашни граѓани, се’ понеефикасно стопанство и се’ побогати поединци во власта“.

Mazedonien Land und Leute Finanzminister Zoran Stavreski
Верува во економско заздравување. фото: Министерот за финансии Зоран СтаврескиФотографија: Petr Stojanovski

Министрите Владимир Пешевски и Фатмир Бесими најавуваат:

“Во 2010 проектираме 2 процента раст. Очекувам проектот Чебрен и Галиште да се случи во текот на наредната година“.

Има ли причини за оптимизам?

Визното ослободување го поткрепува отпимизмот. Бизнисот добива поголема шанса, растат потенцијалите на македонските фирми. Земјата се труди да се еврпопеизира во сите сфери но новите правила отвораат нови невољи. Кафеанџиите го кренаа гласот против целосната забрана за пушење на јавни места што стапува на сила од нова година.

“Можен е пад на прометот и до 60 проценти а тоа ќе значи отпуштање на вработени“

Во прогнозите за 2010 се проделени и граѓаните. Голем број велат дека немаат доволно аргументи за да се вбројат меѓу оптимистите:

“Не очекувам ништо подобро на економски план. Попусто луѓето се радуваат за Нова Година. Државата не води сметка дека народот е гладен“

Чуда од 2010 не очекува никој, но човековата природа ја буди надежта токму кога е најтешко. Еден граѓани вели:

“Веројатно ќе се случи нешто добро. По дождот доаѓа сонце“

Потребна е верба дека 2010 сепак ќе отвори подобра перспектива за македонската економија.

Aвтор: Горан Петрески

Редактор: Борис Георгиевски