1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

2005 – година на ветераните во германскиот спорт

Изненадувањата на годината ги приредија Франка Дич и Марк Варнеке. Спортисти на годината сеУши Дисл и Рони Акерман

Франка Дич

Франка Дич

Спортската година 2005-та од германски агол помина под знакот на успеси на натпреварувачи на возраст на која вообичаено главнината спортисти веќе става точка врз кариерата. Франка Дич во фрлање диск како 37-годишна го освои единствениот златен медал за Германија на светското првенство во атлетика во Хелсинки. „Мислам дека кога фрлив 66 метри, другите беа во грч. Противничките беа импресионирани и помислив: тие не можат да го сторат тоа, навистина“ – опишува Дич. На првенството Германија освои уште еден сребрен и три бронзени медали.

Доминираа претставниците на САД со 14 златни медали. Светски рекорд постави Русинката Елена Изинбаева во скок со стап со 5 метри и еден сантиметар, што беше петти нејзин светски рекорд годинава. Пред Хелсинки, на 22-ри јули во Лондон, таа стана прва жена што ја совлада магичната граница од пет метри. Годинава беше соборен и светскиот рекорд во трчање на 100 метри: Асафа Пауел од Јамајка во Атина таа патека ја истрча за 9 секунди и 77 стотинки, една стотинка побрзо од дотогашниот рекорд.

На светското првенство во пливање во Монтреал за германските претставници иста приказна: Марк Варнеке, со 35 години речиси „дедо“ во пливачкиот спорт, победи на 50 метри градно – тоа беше единствениот златен медал за Германија! „Имам 35 години и во животот доживеав веќе многу работи. Јасно е дека му се радувам на успехот, но не морам сега гол да трчам наоколу или да правам нешто слично за да ми се верува дека се радувам“ – прокоментира Варнеке. И на тоа светско првенство Американците беа најуспешни, но имаа конкуренција во Австралијците.

На велосипедската трка Тур д’Франс по 7-ми пат последовно победи Ленс Армстронг. Американскиот ас потоа, на 33-годишна возраст и на врвот на кариерата, собра сили да каже збогум. „Тој седум пати победи, секогаш беше суверен, никогаш не покажа слабости, секогаш на стартот имаше добар тим и достоинствено се прости. Мислам дека на сите ќе ни недостасува“ – вели за Армстронг најдобриот германски велосипедист Јан Улрих, кој годинава на Тур д’Франс го освои третото место.

Но, по само еден месец падна сенка врз блескавиот Армстронг: францускиот спортски весник „Л’екип“ извести дека пробите на урина земени од Армстронг во 1999-та година, сега анализирани со најсовремени методи, покажале дека користел допинг-средство Епо, кое порано не можеше да се докаже.

Фернандо Алонзо е новата ѕвезда во автомобилизам формула еден и прв Шпанец што стана светски првак: ја презеде титулата од Михаел Шумахер и со своите 24 години стана најмлад шампион во тој спорт. Шумахер мораше да се задоволи со третото место.

Во тенисот се’ беше под знакот на Роџер Федерер: Швајцарецот е прв на светската ранг-листа, забележа 81 победа во 85 мечеви, освои три од четирите Грен-слем турнири, при што во Вимблдон триумфираше трет пат последовно. „Тоа е фантастично. Повторно успеав и се’ уште не можам да верувам, оти толку е убаво и величествено – го освоив три пати едноподруго најголемиот турнир во светот. Тоа е апсолутно фантастично“ – воодушевен беше Федерер; со право, секако. Германските тениски професионалци можат само да се пофалат со екипната титула освоена на Светскиот куп во мај во Диселдорф.

Кошаркарите, пак, изненадија со второто место на Европското првенство во Србија и Црна Гора. Во финалето во Белград беа поразени од Грција. Доминатна фигура, не само во германскиот тим - туку на целиот шампионат, беше Дирк Новицки. Тренерот Дикр Бауерман нагласи: „Тој е дотолку поважен, бидејќи не само што поентира во нападот и реализира важни поени, туку и затоа што имаше сензационални скокови, многу добро играше во одбраната, ја инспирираше екипата, се бореше. Во нашиот тим се’ се врти околу него“.

Кошаркарската репрезентација на крајот од годината доби уште едно признание – од германските спортски новинари беше избрана за екипа на годината. За спортисти на годината поединечно беа прогласени двократните светски прваци Рони Акерман, натпреварувач во нордиска комбинација, и биатлонката Уши Дисл.

За прв пат по повеќе години Германија повторно доби и една гимнастичка ѕвезда: Фабијан Хамбихен во Дебрецин стана европски првак во вежбање на вратило и тоа на 17-гдишна возраст. „Необично, едноставно прекрасно. Денешново беше супер-финале од посебно висока класа“. Хамбихен на светското првенство во Мелбурн во истата дисциплина беше четврти.

2005-та донесе крај на кариерата на повеќемина великани на германскиот спорт: некогашниот супер-летач на скии Свен Ханавалд, ѕвездите на патеките за брзо лизгање Гунда Ниман-Штирнеман и за алпско скијање Хилде Герг, поранешната светска првенка во пливање Хана Штокбауер, носителката на многубројни медали во фрлање ѓуле Астрид Кумбернус.

Еден великан си замина засекогаш: Макс Шмелинг, единствениот досега Германец – светски првак во бокс во тешка категорија, почина на 2-ри февруари на 99-годишна возраст. „Тој едноставно беше голем пример за углед во спортот, а и по своите човечки постигнувања, пресретливоста за луѓето, заинтересираноста за младите, оптимизмот. Многу ме натажи дека почина тој голем спортист, но уште повеќе, тој голем човек“ – со овие зборови сојузниот претседател Хорст Келер му оддаде признание на Макс Шмелинг.