1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

2004 - "Европска година за воспитување преку спорт"

Наставата по физичко воспитување не претставува секогаш задоволство за секое дете. Таму особено тешко ги погодува потсмевот оние, не многу надарените. Педагозите од подамна осознаа дека училишниот спорт мора да понуди повеќе отколку само поттик и поддршка за спортски остварувања и резултати. Потпора на тој тренд му дава и Комисијата на ЕУ, која 2004-та ја прогласи за "Европска година за воспитување преку спорт" и за проекти во цела Европа издвои 11 ипол милиони евра. Европската спортска година ќе стартува на 29-ти јануари со спектакл во Даблин, главен град на Ирска, актуелен претседавач со Советот на Унијата. Во Германија, пак, таа започна со почетокот на неделава. Што може да се смени во иднина кај таканаречената "воспитна спортска настава"?

"Веќе не е како порано - сите стојат во ред и ја прават вежбата, па и малиот дебелко скока преку јарецот, туку сега секој може да се најде себе си. Токму тоа е големиот преломен момент". Маркус Румел е еден од наставниците кои многу мотивирани доаѓаат од факултетот за спорт. На неговите часови место наоѓа и настава по танц и тоа со хип-хоп музика, а може да биде и качување по sид или кајакарење. Таа отворена форма на настава се' уште е исклучок во училиштата, зашто бара многу поголема работа од наставникот, генерална промена на ставот, а многумина од нив не се подготвени на тоа. Но, и постарите ученици исто така чекаат Румел да им ја покаже вежбата бидејќи така се научени.
Тоа да се промени е цел на "Европската година на воспитување преку спортот", што ја иницира Вивиане Ридинг, еврокомесар за образование и култура. Координаторот на кампањата во Германија Харалд Цулауф појаснува: "Станува збор за тимски дух, за фер-плеј, за недискриминирање, за социјална компетенција. Тоа значи, ќе бидат избрани и поддржувани програми кои ова ќе им го проследат на младите ученици и на возрасните во областа на доусовршувањето".
Секој месец ќе биде под белегот на различна тема. Во цела Европа се избрани 185 проекти што треба да придонесат во текот на целата година да се зборува за нив, а Харалд Цулауф се надева на ефекти, посебно кај наставниците, што ќе дејствуваат и по повеќе години: "Ним јасно да им покажеме дека фудбалскиот тим можеби не мора секогаш да се избира така што прво се земаат најдобрите, а дебелкото останува последен, туку дека тоа може да се прави и од социјален аспект".
Тоа го сфати наставникот Маркус Румел и со секакви трикови се обидува да се ослободи од стариот притисок за резултати и да ја направи физичката активност покреативна. Тој на подолг рок се надева дека ќе го постигне ефектот што всушност трае цел живот - работодавците не бараат преамбициозни суперталенти, туку фер-луѓе, способни за тимска работа, воодушевени од неа. Спортската настава во училиштата во иднина треба да биде место каде ќе настануваат такви компетенции. "Групната работа не е групна работа - тоа дури сега морав и јас да го научам. Не можеш да кажеш - вие петмина работете заедно. Тоа мораш да го структуираш, да поделиш функции во групата, секој да има своја улога. Тоа не го учев ни јас, ниту мноумина други, но всушност од поодамна се знае дека тоа така мора да биде", вели Маркус Румел.