1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

2003-та лоша година за екологијата

Минатата година требаше да биде година на повеќе свест за заштитата на човековата околина. Барем условите за тоа беа поволни. Екстремно топлото лето во централна Европа покажа што може да се очекува со промената на климата: суша, слаба жетва и десетици мртви од топлина. Меѓутоа, заштитата на околината повторно ја потисна свеста на граѓаните и политичарите. Значи, во моментов не е посебно "ИН" ангажирањето за природата и одржувањето на нашите ресурси. Во ниту една област од светските проблеми со околината тие не се толку јасни колку во заштитата на климата: додека на една страна на Пацификот полека и незапирливо тоне во морето островот Тувалу, на другата страна од тој океан САД и натаму трошат огромни количества енергија. Последиците воопшто не ја интересираат сегашната американска влада. Лапидарно се вели дека заштитата на климата чини многу пари. Американскиот начин на живот - тоа значи автомобили со многу бензин, неефикасни термоцентрали и лошо изолирани сенмејни куќи - тоа не би било можно без енергетско расипништво. Во сојуз со Русија, втората супер сила, заеднички се блокира протоколот од Кјото. Но, и кај другите држави, меѓу нив и Германија, билансот од минатата година е негативен. Додуша на владата и опозицијата им успеа заеднички да го направат првиот чекор кон реформи. Ќе бидат намалени субвенциите - нешто што е одамна неопходно. Не можеше ли меѓутоа, малку повеќе да се обрне внимание на човековата околина? На пример, авионите и натаму летаат над Германија и над целиот свет без никаков данок, додека железницата и натаму мора да плаќа данок на промет или дури еко данок. Посматрачите си ги тријат очите во неверување: дали тоа е владината сообраќајна политика? Патем и министерот за економија Волфганг Клемент се изјаснува против користењето на ветерот како извор на енергија. И наспроти неговото постојано повторувано пледоаје за намалување на субвенциите, Клемент нема никаков проблем со години да го субвенционира со повеќе од три милијарди евра производството на камен јаглен. А, во меѓувреме на таа тема мнозинството истражувачи на климата се единствени: дури и кога би се успеало светското затоплување да се одржува на половина од сегашното ниво, издувните гасови во наредните 50 години мораат да се намалат за половина. Затоа секое евро субвенција за надминатите носители на енергетиката како јагленот, е едно евро премногу. Меѓутоа, предупредувањата на научниците не се игнорираат само при заштитата на климата. Европските морски експерти со години бараат забарана за улов на бакаларите. Во спротивно за нелколку години неговото постоење може сосема да исчезне. Резултат: министрите за рибарство во ЕУ дозволија квотата на улов да остане непроменета. Сепак, од Брисел има да се соопшти и нешто позитивно: во иднина ќе биде можно еден голем дел од аграрните субвенции да се исплаќаат за еколошки чисто земјоделство и сточарство. Мал, но сепак прв чекор во вистинска насока. Добри вести има и за морињата во светот: опасните танкери со само еден резервоар набргу ќе бидат забранети, во Пацификот 11 држави прогласија голема заштитна зона за китовите, Норвешка ги штити своите малку истражени корали во студените води и се откажа од вадењето нафта во природниот рај на Лофотите. Меѓутоа, овие мали успеси не смеат да залажуваат: минатата година не беше добра за заштитата на човековата околина. Во време во кое тонот го определуваат теророт, војните и економските кризи заштитата на човековата околина најчесто беше туркана настрана. Затоа мора итно да се дејствува ако сакаме да ја зачуваме нашата планета Земја за идните генерации.