1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

20 години затвор за Абдеслам

СН/ агенции
23 април 2018

Тој е единствениот преживеан атентатор од терористичкиот напад во Париз во 2015 година. Но во првиот процес му се судеше за обид за убиство на полицајци во Белгија.

https://p.dw.com/p/2wVIT
Salah Abdeslam Gerichtszeichnung
Фотографија: picture-alliance/dpa/Belga/I. Preys

Судот во Брисел ги прогласи Салах Абдеслам и сообвиниетиот Суфиен Ајари за виновни за обид за терористички напад и обид за убиство на три белгиски полицајци. И неговиот соучесник Ајари е осуден на затворска казна во траење од 20 години. Ниту еден од нив не беше присутен за време на изрекувањето на пресудата во Палатата на правдата. Судиите во поглед на висината на казната одговорија на барањата на одбраната. Абдеслам е осомничен припадник на огранокот на „Исламска држава“, кој ги изведе смртоносните напади во Париз во ноември 2015 година и во Брисел во март 2016 година.

Frankreich Paris Terroranschläge Fahndungsfoto Abdeslam Salah
Фотографија: picture-alliance/dpa/Police Nationale

Повеќе:

-Салах Абдеслам се брани со молчење

-Абдеслам екстрадиран во Франција

-Испреплетената француско-белгиска терористичка мрежа

Меѓутоа, првото судење против него, кое започна на почетокот на февруари не се однесуваше на овие напади, објасни шефот на Судот Лук Хенар. Овојпат му беше судено за вооружен судир со полицијата во една бриселска населба.

Исчезна без трага и глас

По нападите во француската престолнина, Абдеслам избега во Белгија, каде му се изгуби секаква трага. Со месеци полицијата настојуваше да го пронајде. Се сметаше за еден од најбараните терористи во Европа. А тогаш во полициска рација во Брисел дојде до вооружен судир, во кој повредени беа тројца полицајци. По овој неуспешен обид на полицијата да ги уапси, Абдеслам и Ајари, како во филмовите успеаја да избегаат од скривалиштето префрлувајќи се преку покривот во соседниот двор. Меѓутоа, три дена подоцна двајцата беа уапсени во бриселската населба Моленбек.

Belgien Moolenbeek Verdächtiger Pariser Attentäter wird bei Polzeieinsatz festgenommen
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Uncredited

Тоа се случи четири дена пред терористичкиот напад во белгиската престолнина, каде цели на атентаторите беа меѓународниот аеродром и една станица на подземната железница. Абдеслам исто така требало да биде вклучен во подготовката на овие напади. Подоцна тој ѝ беше израчен на Франција, каде се наоѓа во притвор.