1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

20-то Феминале во Келн

Во Келн минатава недела се одржа Фестивалот на женски филм “Феминале“

Жени пред и зад камерата

Жени пред и зад камерата

Станува збор за најстара манифестација од овој вид во Германија и втор по големина фестивал во светот. На филмското платно така од 6 до 10 октомври овој пат продефилираа 120 остварувања на режисерки од 54 земји.

“Овде се претставени многу различни аспекти на женската природа. Жените се пред и зад камерата, го прикажуваат нивниот начин на гледање на светот и публиката е соочена со неверојатно многу слики од животот на жената. Ми се чини дека луѓето сметаат оти овде мора да бидат конфронтирани со нешто непријатно, а добив дури и телефонски повик со прашање дали мажи воопшто смеат да дојдат на овој фестивал...“ - со насмевка коментира Џенифер Џоунс, родум Американка, која е уметнички директор на годинешното Феминале. Таа при изборот решително му се спротистави на клишето дека тоа треба да прикажува милитантни феминистички филмови, кои се згора на тоа уште и мрачни. Напротив, во нејзиниот избор се најде се - од акциони филмови до сатирични остварувања. А и тие во спектарот од остварувања снимени со аматерска дигитална камера, па до такви кои се вистински мајсторски дела на филмската уметност. Како на пример остварувањето на египетската режисерка Салма Хасабала под наслов “Капки среќа“, кој препишува капки против несреќа и тага. Нејзиниот филм е исполнет со интензивни бои, многу анимирани слики на компјутер, проследени со модерна жива музика – вистинска современа бајка. Салма при тоа не допушта да биде сместена во фијоката на режисерка со шамија на главата:

“Најискрено речено, ние во Египет немаме проблеми да снимаме филмови затоа што сме жени. Има многу самосвесни режисерки во мојата земја, кои се полни со идеи. Она што единствено ни недостига, тоа е систематско финансирање на филмската продукција“ - нагласува Селма Хасабала.

Синеастки од креативната страна на филмската камера се, меѓутоа, реткост и на Западот, како во Европа, така и во САД. Затоа Марина Каба Рал им даде на жените што е можно повеќе важни улоги во создавањето на нејзиниот филм “Последна минута“.

“Исто онака, како што мажите взаемно се подржуваат во нивните мрежи, така и на жените им требаат многу мрежи и поврзувања и тие се на добар пат да ги создадат. И она што е посебно важно: што повеќе има режисерки, дотолку повеќе ќе има интересни, големи разновидни женски улоги.“

Жените во филмот на Марина Каба Рал се понекогаш зли, без при тоа да спаѓаат во категоријата на “фам фатал“. Тие се повредливи, но сепак не и слаби. Како впрочем и многуте мајки, ќерки, тинејџерки, продавачки и што уште не во 120-те филмски остварувања на годинешното, 20-то по ред “Феминале“.