1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

20 години независност- период на стагнација

Перо Ивановски– Тиквар е учесник на историското Прво заседание на АСНОМ во 1944 година. Тој во разговор за Дoјче Веле се осврнува на последниве две децении од постреферендумскиот развој на независна Македонија.

default

Меморијален центар АСНОМ во Пелинце

Перо Ивановски – Тиквар е еден од тројцата се уште живи државотворци - делегати на Првото заседание на АСНОМ, одржано на 2 – ри август 1944 година во манастирот „Свети Прохор Пчински“, кога беа поставени темелите на денешната самостојност и независност на Македонија. За заседанието биле избрани 116 делегати, но во неговата работа учествувале 60 – тина. Роден во 1920 година во Прилеп, Ивановски се вклучил уште како млад во револуционерните раздвижувања во работништвото и ги почувствувал експлоататорските стеги кон обесправениот македонски народ. Во текот на 1940 година станал организационен секретар на Покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Југославија за Македонија. Вклучувајќи се во Втората светска војна како првоборец, Ивановски извршувал должност и на политички комесар на 48 - мата дивизија на Народно – ослободителната војска и партизанските одреди на Македонија. Тој и денес зборува со добро зачувано помнење за тие историски мигови, пројавувајќи завидна ментална свежина и релативно крепко здравје, и покрај тоа што зачекорил во 10 – тата деценија од животот.

ДВ: Како би го искоментирале овој период на 20 години од македонската независност: 1991 – 2011 година? Дали е тоа успешен период, на подем, или, можеби, се работи за период на падови, или и на назадувања?

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje

Тиквар: „Македонија со право се стреми кон обединета Европа“

Ивановски: Тоа мора да го обjасниме низ споредба едно со друго. Заседанието на АСНОМ има посебна важност за нас, Македонците. Дотогаш ние немавме држава, тогаш ја создадовме. Во тој период, откако поминаа тие фази на зајакнување на државата, дојде до подем, полет во изградбата на нашата држава. Македонците покажаа свој елан, резултати од еланот што го имаа, од животоспособноста своја, од желбата да се покажат во сите области. Е, сега, вие ме прашувате за овие последни дваесет години на независна Македонија. За овие две децении ние покажавме дека не сме биле вредни да ја исползуваме таа независност. Ние стагнираме во многу области, а во некои и назадуваме. На пример, не можеме уште да ја достигнеме 1990 – тата и 1991 – вата година со економијата, со вработувањата. Тоа е многу тешка ситуација. Но, не се работи само за тоа: тие што беа избраници на народот македонски, да ја водат, да ја создаваат Македонија, да ја обликуваат и да ја создаваат, тие не покажаа таков успех. Затоа, мислам дека со право се стремиме да влеземе во еден друг колективитет – во обединета Европа и во НАТО - во кои ние би се чувствувале побезбедни и би биле помогнати за да опстоиме, да се створи атмосфера во Европа и на Балканот, во која ќе има помалку посегања кон Македонија.

ДВ: Има некои аналитичари во Македонија, кои велат дека во минатите децении Македонците, пред да направат нешто, погледот и увото го вртеа секогаш кон Белград, очекувајќи инструкции, што да им се каже, да им се дозволи, да им се одобри. Тие аналитичари велат дека денес постои некоја слична ситуација, оти Македонецот повторно очекува, овојпат Брисел да му одобри ...?

Ивановски: Нема апсолутна независност. Ниту една држава не е апсолутно независна. Зависно во која мера таа пренела дел од своите прерогативи врз една друга управа. Ние таква имавме во Федеративна Република Југославија. Дел од нашите права како нација ги пренесовме на центарот. Сега се бара, исто така, тој колективитет, кон кој ние се стремиме, да располага со наши права. Тоа е цената која сакаме да ја платиме за влегување во тој колективитет, затоа што имаме контрадобрини. Ние влегуваме во еден комплекс од развиена Европа во сите области на живеењето. Ќе бидеме заедно со нив и ќе бидеме помагани од нив. Што да кажеме ние? Да останеме овде на Балканот со вечно подадени раце? Всушност, тоа се аспирациите од сите соседи. Ниту еден не се откажа од нас: ниту Србија со црковното прашање, ниту Бугарија со јазичното и идентитетското прашање, ниту, пак, Грција со територијалното прашање. Не е проблем што ние ќе бидеме во тој колективитет и што ќе пренесеме дел од нашите права на еден центар во кој и ние ќе соодлучуваме. Добро, гласот наш, можеби, ќе биде мал, но ќе биде застапен интересот, економскиот и културолошкиот интерес ќе биде застапен за нашиот развој !

Mazedonisches Parlament

Според Перо Ивановски Тиквар македонскиот парламент денес е одраз на меѓупартиската омраза

ДВ: Вие бевте делегат на Првото заседание на АСНОМ. Ве молам, направете паралела на функционирањето на тоа собрание на народот со ова, денешново. Дали денес имаме во вистинската смисла на зборот парламент, кој што ја гради и ја развива македонската независност?

Ивановски: Парламентот не е успешен сега за развојот, бидејќи тој дејствува, гласа, според диктат – да бидат ‘за’ или ‘против’. Меѓу големите и главни партии е создадена не само конкуренција некоја, туку и омраза. Таа омраза меѓу челните луѓе се пренесува потоа и подолу меѓу другите. И тие се мразат едни со други. Како сакате просперитет во таква ситуација?

ДВ: Во последниве години имаме, господине Ивановски, политички живот, би се рекло, исполнет со сурова борба меѓу политичките елити, без оглед дали се од владејачка партија, која е тоа во моментот, или дали е од опозиција. Дали тие повеќе ја разградуваат таа независност?

Ивановски: Понекогаш тоа наликува повеќе на девастација на државата, на разградување, отколку на градење и напредок, на нејзината независност во смисла на перспектива. Ако остане Македонија сама и изолирана како држава, тогаш ќе биде потребна способност на самото население во неа да се справи со тие лидери и да се опстојува.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски

DW.COM

Поврзана содржина