1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

20 години затвор за избеганиот екс-претседател

Тунискиот претседател Бен Али беше првиот автократски владател кого „Арапската пролет“ го „одвеа“ од функцијата. Сега тој е осуден на уште една долгогодишна казна затвор.

Туниски воен суд денеска (13.06.2012) го осуди во отсуство поранешниот претседател на земјата Зине ел Абидин Бен Али на 20 години затвор. Судиите оценија дека Бен Али е виновен за убиствата, грабежите и безредијата во земјата.

Претставниците на безбедносните сили, кои исто така беа на обвинителна клупа, добија затворски казни меѓу пет и десет години. Во судскиот процес се работеше за смртта на четворица млади демонстранти, кои во јануари 2011 година биле убиени во градот Кварданин. Четворицата се обиделе да го спречат бегството на внукот на Бен Али, Каис.

Бен Али беше соборен од власт по повеќенеделни протести. Тој избега во Саудиска Арабија, каде живее во егзил. Кралството досега не реагираше на барањата на новото раководство на Тунис за израчување на 75-годишниот Бен Али.

Бен Али и во други постапки беше осуден на вкупно 66 години затвор, меѓу другото и за илегално богатење, трговија со дрога, корупција и злоупотреба на функцијата.