1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

19 милиони невработени во еврозоната

ЖА/дв/адпа/афп/ртре1 јули 2013

Кризата во еврозоната тешко го погодува пазарот на работна сила. Невработеноста останува на рекордно ниво, посебно меѓу младите луѓе. ЕУ бара начини за надминување на состојбата.

https://p.dw.com/p/18z8x
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во мај во 17-те членки на еврозоната вкупно 19,2 милиони луѓе биле без работа. Тоа се 67 илјади повеќе отколку во април, а дури 1. 344 илјади повеќе од пред една година, соопшти европската служба за статистика, Евростат, во Луксембург. Стапката невработеност достигна нов рекорд-12,1 процент. Бројот на лица во еврозоната кои бараат работа бележи континуиран пораст од средината на 2011 година. Голем број аналитичари веруваат дека оваа бројка и натаму ќе расте поради должничката криза во еврозоната. Голема загриженост предизвикува невработеноста меѓу младите, поради стравувањата дека се создава една цела „загубена генерација“. Во мај се регистрирани 3,5 милиони лица под 25 години кои немаат работа, со што невработеноста меѓу младите во еврозоната достигна 23,8 отсто, нагласи Евростат.

Највисока стапка на невработеност и натаму има во Грција и Шпанија, додека Австрија и Германија имаат најниски стапки. Во ЕУ стапката на невработеност останува 10,9 отсто, а вкупно 26,4 милиони лица во Унијата се без работа.

ЕУ планира да предизвика промена на трендот преку програма од повеќе милијарди евра, за која на последниот самит на ЕУ се договорија шефовите на држави или влади минатата недела. С‘ржта на оваа програма е т.н. „Гаранција за младите“: во рок од четири месеци секој млад човек треба да добие понуда за работа, практиканско или место за натамошно школување и обука. За оваа цел на располагање се ставени шест милијарди евра. Европската комисија ги повика претпријатијата и граѓаните во подобростоечките држави-членки да покажат солидарност, зашто според заменик-претседателот на ЕК, Вивиан Рединг, тоа претставува инвестиција во иднината.