1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

17 години од геноцидот во Сребреница

Со погреб на 520 идентификувани жртви денеска (11.07) во Сребреница се одбележува 17-годишнината од геноцидот во кој животите ги загубија повеќе од осум илјади луѓе

Во Поточари денеска со верски обред ќе биде извршен погреб на посмртните останки на 520 Бошњаци. Меѓу настаните кои ќе го придружуваат одбележувањето на 17-годишнината од масакрот во Сребреница е и промоцијата на книгата на Мирсад Мустафиќ од Сребреница „Последниот крик на енклавата“ во која се говори за вистински ликови од градот.

„Секоја моја книга укажува на злосторства кои ги сториле одредени луѓе, а не цели народи. Секогаш велам дека вината ја сносат поединци, но тие треба да бидат откриени и за тоа треба отворено да се говори и заради идните поколенија и заради помирувањето на овие простори кое е можно и нужно“, вели Мустафиќ.

Пораки за мир

Во рамките на одбележувањето на сребреничката трагедија за првпат годинава е организиран ултрамаратон Вуковар-Сребреница. Ултрамаратонците претрчаа 227 километри, неретко и на температури кои достигнуваа и 40 степени целзиусови.

„Јас во татковинската војна во загубив братот. Оваа трка му е посветена нему и на сите загинати бранители на Сребреница. Ме прашавте дали беше тешко? Не е кога знаете за што трчате“, вели Душко Штрбац од Загреб.

Петта година по ред беше организиран и Марш на мирот од Жепа до Сребреница.

„Жепа и Сребреница во текот на целата војна беа потпрени една на друга и ние сметаме дека ни е должност на овој начин да им оддадеме почит на жртвите. Во колоната беа и деца од седум години. Сето ова го правиме за и тие да ја дознаат вистината и да научат нешто од тоа, со цел тоа да не се повтори“, вели Осман

Зимиќ, годинешниот предводник на маршот.

Слики од патот на смртта

Решад Дервишевиќ во 1995 година го минал истиот пат, но во спротивна насока. Тогаш тоа бил пат на смртта. Учесник е на сите досегашни маршеви и вели дека секојпат му се враќаат сликите на ужас:

„Се враќаат сеќавањата, се враќаат сликите. На секој квадратен метар мене ми мириса на крв, на човечка крв“.

Одбележувањето на годишнината од геноцидот се повеќе станува некој вид аџилак за многу луѓе од целиот свет. Маршот на мирот е двигател за такво нешто, вели Ќамил Дураковиќ, претседател на Организацискиот одбор. „И токму тој двигател нема да дозволи овој геноцид да се негира, минимизира или ревидира и тоа е јасна порака“, вели Дураковиќ.

Досега со ДНК анализа е утврден идентитетот на повеќе од 6.700 ексхумирани жртви настрадани во 1995 година по падот на Сребреница. Се’ уште се трага по 1.500 исчезнати лица.