1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

150. роденден на најстарата демократска партија во светот

Социјалдемократската партија на Германија постои веќе 150 години. Таа е најстарата демократска партија во светот и многу има придонесено не само за јакнење на правата на работниците туку и за демократијата воопшто.

Моментот на раѓањето на најстарата демократската партија во светот, Социјалдемократската партија на Германија, се случил во далечното минато, во време кога обесправените работници започнале со бунтовите против индустриските, претприемачки патријархии. Дека при тоа настапувале организирано и полички осмислено, можат пред се' да и заблагодарат само на една личност: Фердинанд Ласале. Имено, токму тој, син на богат трговец, на 23. мај 1863. година бил главната движечка сила за основање на Општиот германски работнички сојуз кој се случил во Лапциг. 150 години подоцна, Ласале се' уште важи за еден од коосновачите на Социјалдемократското движење, кое во годините до крајот на 19. век конечно се развило во Социјалдемократска партија на Германија.

150 Jahre SPD Ferdinand Lassalle

Фердинанд Ласале


„Основната порака на основачите била: Работници, доколку сакате да ја промените вашата положба, тогаш вие морате да ја обврзете државата да ве третира како рамноправни и економски осигурани граѓани на земјата“, се присетува денес, долгогодишниот член на СПД, Ерхард Еплер.
Токму благодарејќи на борбата на работничкиот сојуз и на младата Социјалдемократска партија, сиромашните работници за прв пат стекнале можност за натамошно образование- како по прашање на професијата така и во областа на политиката. Имено, во тоа време повеќе од половина од населението во Германија било неписмено, а немало ни слободно изборно право. Во врска со тоа, поранешниот генерален секретар на СПД, Франц Минтеферинг со задоволство се сеќава на приказната за десетмината работници кои работеле во фабрика за цигари: „Деветмина работеле, а десетиот седел пред нив, читајќи им од книгата која заедно ја купиле за да можат барем малку да се образуваат“, раскажува Минтеферинг. Образованието како еден од главните предуслови на социјалниот напредок, го нагласувал и самиот Ласале. Тоа и денес е едно од главните тежишта на работата на Социјалдемократската партија на Германија.

Прогон, радикализација и отпор на социјалдемократите

„Од моментот кога нашиот Сојуз ќе има барем 100.000 германски работници за членови, ќе се добие моќ која секој ќе мора да ја земе предвид, односно, да смета на неа“, напишал Ласале во првата партиска програма на младите социјалдемократи. И навистина, неговите зборови станаа вистина. Работничката партија веќе во времето меѓу 1871. и 1918. година, броела речиси милион члена. На изборите го освоила третото место. Социјалдемократите станале толку популарни што тогашниот германски кацелар Ото фон Бизмарк издал т.н. социјалистички закони со кои ја забранил оваа партија. Социјалдемократите останале забранети во текот на наредните 12 години, биле прогонувани, понижувани и присилени на емиграција. „Меѓутоа, денес можеме да кажеме дека социјалистичките закони всушност помогнале во развојот на социјалната демократија. СПД во прогоните добил свои јунаци, маченици, а работниците брзо забележале дека не може туку така да ги поттиснат. Освен тоа, со растот на индустријата, се зголемувал и бројот на работници“, вели Ерхард Еплер.

150 Jahre SPD Wahlplakat 1919

Изборен плакат на СОД од 1919 година

Меѓутоа, прогонствата довеле и до радикализација на социјалдемократите. Еден дел од членовите се' повеќе одел под закрилата на револуционерниот марксизам кој се залагал за нов политички систем, без класни разлики и приватна сопственост. Во ноември 1918. , токму пред почетокот на Првата светска војна, тоа довело до раскол во рамките на работничкото движење кое од тогаш натаму се состоело од реформирани и револуционерни сили.
Нешто подоцна, во текот на дваесетите и триесетите години на минатиот век, со името на социјалдемократите се поврзувал и првиот голем неуспех и пропуст на првиот голем период на демократија на германско тло. Станува збор за Вајмарската Република (1918-1933.) основана од страна на умерените социјалдемократи. Овој период во историјата влегол како време на политичка нестабилност, голема инфлација, масовна невработеност- што на некој начин и создало предуслови до моќта во Германија да успее да стигне Адолф Хитлер.

Меѓутоа, покрај тоа што доаѓањето на националсоцијалистите не можеле да го спречат ниту социјалдемократите, треба секако да се спомене една случка: сите 94 члена на СПД на 23. март 1933. година гласале против законот кој му овозможил на Хитлер укинување на демократијата во Германија. „Слободата и животот можат да ни се одземат, но не и честа“, рекол тогаш Ото Велс, член на СПД. Оваа случка според мислењата на многумина е еден од најважните моменти во историјата на германската демократија воопшто- СПД била единствена партија која не го поддржала Хитлер. Сите други партии на тогашниот Парламент го сториле тоа.

Nationalsozialismus Otto Wels Portrait

Социјалдемократот Ото Велс, противник на нацизмот



Од работничка до модерна народна партија

По Втората светска војна, СПД се разви во една народна левичарска партија која посебно во првите повоени години беше преокупирана сама со себе. Додека владејачката конзервативната партија (Христијанско демократската унија-ЦДУ) според капиталистичките правила и закони управуваше со економскиот раст и развој во земјата, СПД во прв ред се занимаваше со корекција на своите антикапиталистички гледишта.
Со почетекот на владеењето на големата коалиција на ЦДУ и СПД, во 1966. година, започна конечно и социјалдемократското десетлетие на повоена Германија. Додека разни социјалдемократски политичари во текот на минатите времиња во законите го воведуваа и изборното право, правото на гласање на жените, 8-часовниот работен ден и правата на синдикатите, социјалдемократскиот канцелар Вили Брант го насочи своето делување во прв ред на политиката на мирот и на помирување со социјалистичките земји во источна Еврота. Брант во 1971. година ја доби и Нобелова награда за мир, пред се' поради гестот во Варшава кога клекна пред споменикот на жртвите на нацизмот и со тоа симболично му се извини на полскиот народ за злосторствата сторени за време на нацистичката диктатура.

Deutschland Geschichte Bundeskanzler Willy Brandt

Канцеларот Вили Бранд од редовите на СПД е добитник на Нобеловата награда за мир

Народната партија помеѓу криза и нов почеток

Во годините пред и по обединувањето на Германија, СПД речиси и да не учествуваше во секојдневната политика на земјата. Хелмут Кол (ЦДУ) беше канцелар за време на обединувањето, што пак конзервативно граѓанската партија долга низа години ја одржа на власт.
Социјалдемократската партија се' до 1998. беше на „опозициската клупа“ во Бундестагот. Дури по промената на власта и доаѓањето на Герхард Шредер на местото канцелар, СПД успеа повторно да пронајде храброст за промени. Новиот канцелар оваа некогашна работничка партија ја промени во партија на „Новата општествена средина“, која сега се' повеќе ја прифаќаа не само работниците туку и службениците, уметниците, самостојните работници.

SPD-Parteitag in Mannheim 1995

Герхард Шредер, последниот канцелар на СПД

Меѓутоа, големата невработеност и економската рецесија, доведоа до тоа социјалдемократите со новите реформи „Агенда 2010“ да започнат со радикални промени во областите на пазарот на труд и на социјалниот систем. Како последица на тоа , токму оние социјални слоеви кои традиционално секогаш на изборите ги избираа СПД (работниците во индустријата, како и оние кои помалку заработуваат) и го завртеа грбот на оваа партија. Тоа пак СПД ја доведе до криза на идентитетот.

СПД денес

Што се однесува до денешната ситуација, Ерхард Еплер наведува дека почетните гледишта и идеи кои довеле до основање на оваа партија пред 150 години, денес се актуелни како никогаш порано. Имено, токму денес е најважно да се спречи менување и превртување на демократијата онака како што се менува пазарот. „Тоа веќе не би била никаква демократија, кога би пуштиле пазарот да одлучува. Задачата на социјалдемократите е поради тоа да овозможат создавање на пазари кои и одговараат на демократијата на 21. век“, вели Еплер. А оваа задача не е ништо помала од онаа која СПД си ја постави во моментот на нејзиното основање.