1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

230609 IKRK Jubiläum

24 јуни 2009

Црвениот крст е најголемата хуманитарна организација на светот, која дава помош за жртви во воени конфликти. Идејата за неа настана пред 150 години. Во меѓувреме, задачите се променија, но принципот остана ист.

https://p.dw.com/p/IXym
Логото на Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Црвената полумесечина

Прес-конференција на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, во понеделникот во Женева. Претставени се нови факти од воените подрачја. Црвениот крст, и по 150 години од битката кај Солферино, секогаш е таму, каде има оружени конфликти. Со 12 илјади соработници, Меѓународниот комитет на Црвениот крст, така да се каже, е праизвор на целокупното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Комитетот им нуди помош и заштита на 15 милиони луѓе во 80 земји, вели портпаролот Флоријан Вестфал.

„Прво, тоа го правиме со испорака и распределување храна и други средства за помош на жртви на конфликти. Но, заштитата се обидуваме да ја заостриме и со залагањето за придржување кон Женевската конвенција, со тоа што ги посетуваме заробениците и инсистираме на тоа, да бидат навистина третирани според важечкото право, да бидат прифатливи затворските услови за нив. Се разбира, имаме врски со обичниот Црвен крст, оти сме дел од истото друштво на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Тие национални друштва се наши партнери“.

Rotes Kreuz in der Schweiz bereitet Hilfsgüter für Italien vor
Фотографија: AP

Независност и неутралност се исклучително важни

Меѓународниот комитет на Црвениот крст, значи, е истовремено организација за хуманитарна помош и за човекови права. Важни принципи на организацијата се независност и неутралност. Тие гарантираат да може да се работи на обете страни во еден судир. Но, честопати доаѓа до конфликтна ситуација меѓу зачувувањето на неутралноста од една, и објективно известување од кризните подрачја од друга страна.

Afghanistan Südkorea Geiseln werden freigelassen Rotes Kreuz
Фотографија: AP

„Со јавното заземање став ние не смееме да си го доведеме под прашање пристапот кон жртвите. Ако врз основа на јавно заземените ставови страните во конфликтот веќе не не‘ сметаат за неутрални, веќе не ни‘ веруваат и поради тоа не ни‘ овозможуваат пристап кон жртвите, тогаш сме ја промашиле нашата фактичка задача. Оттука и нашиот постојан од по жица - мора да се зачува пристапот кон жртвите, а од друга страна е желбата да се соопшти реалноста во оружените конфликти и нивното влијание врз луѓето“, укажува портпаролот Флоријан Вестфал.

Меѓународниот комитет на Црвениот крст посетува преку 2 илјади затвори со повеќе од половина милион заробеници во повеќе од 80 земји. Во многу случаи, тоа е единствениот контакт на затворениците со надворешниот свет. И тука честопати мора да се гарантира молчење во врска со вистинските околности во затворите, за да се зачува пристапот до затворените.

Rotes Kreuz und Roter Halbmond in Nordkorea
Фотографија: AP

Нови времиња, нови видови конфликти, нови задачи

Во завојуваните подрачја, работата од темел се промени во последните 150 години, вели Вестфал.

„Во битката кај Солферино, со 40 илјади ранети и загинати, имаше само еден мртов цивил. Реалноста на денешните војни сосем се промени, се сврти. Во денешните конфликти најпогодени се цивилите, и токму тоа ја направи нашата работа уште толку покомплексна и потешка“.

Минатата година Меѓународниот комитет на Црвениот крст испорача 650 илјади писма, во кое припадници на семејства поделени од војна можеа меѓусебе да си ги соопштат новостите. Благодарение на Комитетот, 800 деца повторно си ги пронајдоа родителите.

„Јас и самиот доживеав деца навистина да им бидат вратени на родителите, кои одамна мислеле дека децата им се мртви. За нас се прекрасно лично доживување емоциите, едноставната радост во такви ситуации. Уште повеќе и затоа што во многу други нешта што ги правиме не е безусловно толку лесно да се доживее успех. За жал, и покрај се’, често продолжува мизеријата што ја предизвикува војната“, вели Флоријан Вестфал.


Автор: Паскал Леклер / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска