1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

15 години од атентатот врз Киро Глигоров

На 3 октомври 1995 година автомобил-бомба експлодираше во близина на хотелот „Бристол“ во Скопје, кога во близина минуваше возилото на претседателот Глигоров. Сторителите на неуспешниот атентат не се познати до денес.

default

Првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров

Денеска се навршуваат 15 години од неуспешниот атентат врз првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата.

На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски.

Истражната постапка се’ уште отворена

Како последица од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов, а беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски. Останува непознато кој стоел зад атентатот.

Skopje,Ulica Makedonija

Скопје, улица Македонија

Истражната постапка која се води против непознат сторител се’ уште е отворена. Истрагата утврди дека атентатот бил добро подготвен и организиран и оти само среќна околност е што претседателот Глигоров го преживеа атентатот.

Нападот беше извршен со автомобил бомба на 3 октомври 1995 година, во 9:50 часот, на улицата пред хотелот „Бристол“ во Скопје, кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција на работното место во Собранието на Република Македонија.

Извршителите и нарачателите се’ уште непознати

Во автомобил „цитроен ами 8“ биле скриени 20 килограми експлозив, кој беше активиран со далечински управувач кога возилото на Глигоров се движеше кон зградата на Собранието. Пред експлозијата службеното возило на претседателот на улицата „Македонија“ го забавило едно „фиќо“. Во истрагата биле претресени 30.850 возила и прегледани повеќе од 15.000 објекти, легитимирани биле повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 биле претресени. МВР извршило и околу 30 информативни разговори со луѓе за кои сметало дека се можни сторители на атентатот, но сите тие биле пуштени по испрашувањата.

Автор: СН/ЕМФ/миа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска