1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

125 години Made in Germany

Промашена цел – со етикетата Made in Germany пред 125 години требаше германските производи во Велика Британија да бидат дискриминирани. Идејата стана рецепт за успех, но во секој случај за германските производители.

Made in Germany – оваа етикета не е германски изум. Таа се појави како резултат на британскиот закон за сопствени трговски марки, кој стапи на сила на 23 август 1887 година. Потоа требаше на секој конкурент на британските индустриски стоки да му се стави таков вид на етикета. Секоја трговска нација, која сакаше во Велика Британија да води бизнис, мораше на своите производи да стави ознака за потеклото.

„Ова беше посебно ставано на стоките од Германија, бидејќи постоеја сомнежи дека Германците ги имитираат британските производи. Таков беше случајот со приборот за јадење, како и со ножиците, ножевите и други производи кои потекнуваа од Солинген. Ова важеше и за саксонските машини“, објаснува историчарот по економија Вернер Абелсхаузер од Универзитетот Билефелд.

Тој смета дека тогаш две причини одиграле значајна улога. Од една страна, се сакало да се заштитат британските потрошувачи од неквалитетна стока, на пример евтини имитации на високо квалитетниот прибор за јадење од Шефилд. Од друга страна, требало тогаш веќе супериорната германска машинска индустрија да се стигматизира и да биде препознатлива со негативна трговска марка.

Symbolbild Made in Germany 125 Jahre Gütesiegel Qualität

Европската комисија во Брисел сака да ја укине етикетата за квалитет „Произведено во Германија" и да ја замени во иднина со терминот „Произведено во ЕУ"

Но, ова имаше контраефект, бидејќи етикетата Made in Germany се разви постепено во знак за посебно добар квалитет. Сепак, за тоа беше потребно одредено време. Со т.н. Мадридски договор од 1891 година најголем дел од трговските нации се обврзаа дека веќе нема да дозволат лажни декларации за потекло на производите. Секоја земја се обврза да користи своја сопствена „Made in...“ етикета.

Тоа многу скоро беше копирано и на Далечниот Исток. Така, Јапонците побараа сите производи од нивниот голем сосед да бидат означени со „Made in China".

„Тоа беше еден вид на иста шема – постоеше страв од имитации, од кражба на патенти и мораше да се означи дека тоа не е имитација, туку дека е нешто што е подобро од конкуренцијата“, објаснува Абелсхаузер.

Со Првата светска војна, во 1914-та година етикетата „Made in Germany“ се врати силно во фокусот. Производите со таква декларација за потекло не смееја да се нудат на пазарите контролирани од Британците и на пазарите на нивните сојузници.

Symbolbild Made in Germany 125 Jahre Gütesiegel Qualität

„Made in Germany“ на долната страна од автомобил-играчка произведен од брендот Зику во 2009-та година

Но, по Втората светска војна дојде вистинскиот триумф на етикетата. Имено, стана јасно дека Германија, за разлика од САД, не е фокусирана на масовното производство, туку на засилување на квалитетната изработка и постиндустриско производство по мерка.

„Под производство по мерка се подразбира дека германската економија е специјализирана, како и претходно, не за масовно производство, туку за врски со потрошувачите со можност за соодветно производство на цели опреми, инфраструктурни проекти, интелигентни машини, кои точно одговараат на желбите на потрошувачите. Значи, никакво масовно производство“, објаснува Абелсхаузер.

Колку попопуларни стануваа производите произведени на овој начин, толку поофанзивно се користеше марката „Made in Germany“ во реклами и како маркетиншка алатка. До денес таа има посебно значење, пред се’ во браншите во кои германските производи се светски лидери – автомобилската и машинската индустрија, електротехниката, како и во хемиската индустрија.