1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

121 жртва во пожар во Дака

АТ/ афп/ дапд/ дпа25 ноември 2012

Стотици работници останаа затворени во една фабрика за текстил во главниот град на Бангладеш, откако во неа изби пожар. Причината за пожарот се’ уште е непозната. Во земјата се чести ваквите инциденти.

https://p.dw.com/p/16pUB
Фотографија: dapd

Во пожар што изби во една текстилна фирма во Бангладеш во текот на ноќта животот го загуби најмалку 121 лице, a повеќе од 200 се повредени. Властите соопштија дека пожарот избил во саботата доцна вечерта во приземјето на деветкатната зграда во предградије на главниот град на Бангладеш, Дака. Стотици  работници останаа затворени во горните катови, голем број од нив во паника скокаа низ прозорците. Во моментот кога избил пожарот во фабриката имало повеќе од 1.000 луѓе. 

По четири часови пожарникарските екипи го ставија пожарот под конторла. Засега е непозната причината за пожарот, кој ја опустоши фабриката на текстилното претпријатие „Tazreen Fashion“, на 30 километри северно од Дака. Меѓутоа, честопати кратки споеви во дотраените електрични инсталации на фабриките за облека во Бангладеш предизвикуваат пожари. Здружението на текстилните производители и извозници на земјата вети обештетување за погодените семејства.

Текстилната индустрија е најажниот економски фактор во Бангладеш. Во земјата има околу 4.500 фабрики за облека, кои меѓу другите работат и за фирми како „H&M“, „Wal-Mart“, „JC Penney“ и „Tesco“. Преку извозот, пред се’ во САД и во Европа, Бангалдеш има годишни приходи од околу 15,5 милијарди евра. Само во Германија, според податоци на Заводот за статистика во 2011 година била увезена стока во вредност од 2,8 милијарди евра.

Жртви и при уривање на надвозник во Читагонг

Од Бангладеш пристигнаа информации за уште една несреќа: во југоисточниот пристанишен град Читагонг при уривањето на надвозник во градба животот го загубиле најмалку 13 лица. Се претпоставува дека во урнатините има уште жртви, соопшти полицијата. Во потрагата се вклучени и војниците. Повредени се околу 20 лица, некои од нив и при судири меѓу полицијата и налутената толпа, која ги нападна канцелариите на градежната фирма.