1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

12-то коло на Бундеслигата

За играчите на водечкиот тим на табелата, Волфсбург, гостувањето кај Нирнберг заврши со неочекуван фијаско. Тие имено загубија со ни помалку ни повеќе, туку 0 спрема 4, од екипата која до сега играше слабо на домашен терен. Дебаклот се навести уште во првите минути, кога домашните поведоа со 1 спрема 0. Веќе во 8-мата минута племејкерот Андреас Далесандро од Аргентина заработи црвен картон и катастрофата полека добиваше се појасни контури. Најдобар играч на натпреварот беше Марек Минтал од Словачка, кој даде дури три гола за победничката екипа на Нирнберг.

Тоа што Волфсбург и понатаму останува на чело на Бундеслигата, може да му заблагодари на фактот што играчите на второпласираниот Шалке 04 постигнаа еден погодок помалку од потребното. За првото место им беше потребна победа против Хамбург не со еден, туку со два гола разлика. Но, ако се погледне реално играта што футбалерите на Шалке ја прикажаа во неделата, можат да бидат среќни што воопшто однесоа победа, а не се вратија дома поразени. До само 10 минути пред крајот тие имено губеа од Хамбург на гости со 0 спрема 1. Тогаш тимот на Шалке смогна сили за пресврт и во само две минути постигна два гола. За тренерот Ралф Рангник, таквиот силен и непопустлив морал е една од клучните доблести на неговата екипа:

“Имаме навистина добра екипа. Но, она што од денеска јасно го знам, тоа е дека станува збор за тим што не е способен да однесе победа само кога е во водство, туку и дека може да оствари потполн пресврт во играта.“

На натпреварот меѓу Херта Берлин и минатогодишниот првак Вердер Бремен најмногу внимание привлече испадот на тренерот Томас Шааф, кој инаку важи за многу смирен. Објект на гневот на тренерот на Вердер беше судијата Херман Албрехт, кој прво покажа дека ќе има продожение на натпреварот од 1 минута. Но, реално тој дозоволи да се игра дури три минути подолго од регуларниот тек, во кои одбрамбениот играч на Херта, Александер Мадлунг постигна заслужен, изедначувачки погодок. По средбата судијата Албрехт појасни дека играчите на Вердер сами се виновни за продолжувањето:

“Кусо пред крајот на натпреварот покажав официјално една минута продолжение. Но, во таа минута од продолжението екипата на Вердер уште ја одолговлекуваше играта, така што јас ја продолжив -и на тоа имам право!“

Уште еден судија се најде во центарот на вниманието во ова 12-то коло. На натпреварот меѓу Баерн Минхен и Хановер, судијата Луц Михаел Фрелих, кусо пред полувремето, му покажа жолт-црвен картон на репрезентативецот Михаел Балак поради наводен фаул. На забелешка на помошник судијата, Фрелих меѓутоа го повлече црвениот картон и го опомена вистинскиот виновник, противничкиот играч, исто член на германската футбалска репрезентација, Бастијан Швајнштајгер. Ова е гест што е вистинска реткост кај германските судии, посочи Балак по натпреварот:

“Не се случува често некој судија да ја повлече одлуката. Сметам дека тоа беше навистина многу силно од него!“

Инаку, поразот од 0 спрема 3 на Олипмискиот стадион во Минхен беше прв по серијата од пет победи за екипата на Хановер.

Навивачите на Борусија Менхенгладбах се надеваа на победа на гостувањето кај новајлијата во првата лига, Мајнц 05. Но, на крајот мораа да се задоволат со нерешени 1 спрема 1. За жал ни новиот тренер на Борусија Дик Адвокат, кој националниот тим на Холандија го доведе до полуфиналето на Европското превенство, не може туку така да прави чуда.

“Јас сум задоволен од резултатот. Мораме подобро да играме!“ - порача Дик Адвокат по средбата.

Тимот на Бохум на домашен терен одигра исто така нерешено 1 спрема 1 со Кајзерслаутерн. По ваквиот резултат обете екипи се наоѓаат во вителот на борбата за опстанок во првата лига.

Во слична позиција се наоѓа и Фрајбург, кој на гости во Леверкузен го касираше шестиот пораз во последните седум кола. Тие додуша водеа до полувремето со 1 спрема 0, но на крајот си заминаа дома со тежок пораз од дури 1 спрема 4. Доколку тренерот Фолкер Финке не беше на чело на екипата на Фрајбург како тим од долниот дел на табелата, ќе мораше сериозно да се загрижи за своето работно место:

“Она што ме лути тоа е што екипата добро ја разви играта и на крајот сепак загуби“ - нагласи Финке по натпреварот против Бајер.

Лут на своите на играчи беше и тренерот на Борусија Дортмунд, Холанѓанецот, Берт ван Марвијк. Тие загубија на гости од Арминија Билефелд со 0 спрема 1.

Во вториот натпревар што се одигра во неделата, Штутгарт ја победи Ханза Росток со 4 спрема 0 и на тој начин ја прекина серијата неуспеси.

Во водство на табелата се наоѓа Волфсбург со 24 бода, на второ место со истиот број бодови е Шалке 04, а на третото и четвртото се Штутгарт и Баерн Минхен со по 23.