1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

110-годишната Барса е легенда

Кога химната на ФК Барселона ќе се разлее низ Камп Ноу, секое влакно на телото се наежува. Речиси 100 илјади луѓе пеат од длабочината на душата и набрзо е јасно- тука не се работи само за фудбал. Барса е спортски мит!

default

Барселона е легенда. Начин на живот. ФК Барселона е Каталонија, уникат, народ и нација. Клубот, за мнозинството каталонци, е како репрезентација. За нив, тој е симбол на татковината и слободата.

Клубот успеа да стане еден од најголемите, најуспешните и најважните во светот. Сино-црвените имаат околу 160 илјади членови од целиот свет. Еден од најпознатите навивачи беше покојниот папа Јован Павле Втори. Во 110-годишната историја Барселона освои 64 титули. Меѓу нив, три пати Лигата на шапмпионите, 19 пати шпанското првенство и 25 пати шпанскиот куп.

Но, почетоците на клубот беа повеќе од скромни. Се‘ започна со мал оглас во весниците: „Ханс Гампер би сакал да организира фудбалски натпревари“. Ханс Гампер беше книговодител од Швајцарија кој го обожуваше фудбалот. Со 11 свои истомисленици, во 1899 година тој го формира фудбалскиот клуб Барселона.

На неговиот оглас се јавуваат многу странци кои тогаш живееле во Барселона. Оттука, првиот почетен состав на Барселона го сочинувале само Англичани. Така и присуството на голем број странци во тимот, на некој начин, стана дел од традицијата. Огромен број фудбалски легенди настапуваа за каталонскиот клуб.

Најголем непријател - Реал Мадрид

BdT Spanien La Liga Fußball Madrid gegen Barcelona 29. November 2009

Златан Ибрахимовиќ го прославува победничкиот гол против Реал Мадрид

Незаборавен е Јохан Кројф, кој освен што настапуваше и го тренираше тимот. Во 80-те и 90-те години на зелениот терен на Камп Ноу трчаа легенди како Михаел Лаудруп, Христо Стоичков, Ромарио, Бернд Шустер и секако, Марадона.

Денес најголеми звезди на Барселона се Лионел Меси, Тјери Анри, Златан Ибрахимовиќ, Чави и Иниеста. Списокот е долг, но за сите нив, една работа беше и остана најважна - победа над заколнатиот непријател Реал Мадрид.

Барселона е позната и по уште едно нешто. Тоа е единствениот клуб кој се откажа од спонзорите на својот дрес и на тој начин се одрече од силни милиони. Во последните три години, сино-црвениот дрес го краси знакот на УНИЦЕФ. Не само што Барселона не добива пари, туку секоја година уплаќа по 1,5 милиони евра на сметката на организацијата за помош на децата. Тоа е знак на солидарност, тврдат одговорните во клубот.

Автор: Бенјамин Вист / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска