1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

110 години од смртта на Гоце Делчев

Со пригодна беседа и положување цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас и на плоштадот Македонија, денеска беа одбележани 110 години од загинувањето на идеологот на македонската револуционерна борба.

Пред саркофагот на Гоце се поклонија делегација од Владата, во која беа министрите за култура и за трнаспорт и врски, Елизабета Канческа-Милевска и Миле Јанакиески, и заменик-министерот за одбрана Емил Димитриев, градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, делегации од кабинетот на Претседателот и од Собранието на РМ, на Армијата на Република Македонија, МАНУ, Институтот за национална историја, од Сојузот на борците на Македонија, од политички партии, организации, здруженија, општини и установи што го носат името Гоце Делчев.

Во пригодната беседа академик Блаже Ристовски рече дека Гоце загинал во својата прва битка во Баница, но оти десет години трпеливо и упорно го подготвувал илинденскиот народен подвиг.

Goce Delcev 110 Todestag

Цвеќе беше положено и пред споменикот на Гоце Делчев на плоштадот Македонија во Скопје

„Самостојноста и независноста на ослободителното дело му беа принципи за успехот и карактерот на борбата. Ропството, сметаше тој, се должи на самиот роб и се крепи повеќе од него, отколку од мачителот и дури кога ќе престане робот во душата да биде таков, ропството исчезнува самото од себе. И, ги впрегна Гоце сите сили да го ослободи робот во самиот Македонец, да му вдахне вера во победата, во сопствената сила и моќ. И при сето тоа, Делчев се залага и за македонска култура како темел за извојување на слободата... Делчев загина пред да пламне Илинденското востание, дури и во напорот да го одврати предвременото и неподготвено избувнување, но тоа не беше пречка токму тој да стане симболот на тоа Илинденско востание кое, како што рече и Мисирков, направи епоха во нашата историја“, рече Ристовски во пригодниот говор.

Годишнината од смртта на Гоце Делчев оваа година се совпадна со верскиот празник Велика сабота и затоа не се одржа панихида. На одбележувањето настапи Градскиот мешан хор „Вардар“, а цвеќе беше положено и пред спомениците на Гоце Делчев на плоштадот Македонија и во Градскиот парк.

Goce Delcev

Гоце Делчев беше убиен пред 110 години во Баница

Визионерот Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, беше убиен од турската војска на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер. Целта на неговото последно патување била намерата да го спречи или одложи предвременото востание, кое во тие денови (2 до 7 мај) се договарало на Смилевскиот конгрес во домот на Даме Груев. Делчев сметал дека се’ уште не се созреани политичките услови за кревање востание, кое сепак се случи на Илинден, три месеци подоцна.

Неговиот 31-годишен живот почнува на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. Во зачуваните писма, Делчев пишува дека се бори за слободна и независна Македонија, со широки права на сиромашното население.

Поврзана содржина