1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

11-ти септември 2001-ва година, датум што го промени светот

Хронологија на настаните што се случија на денешен ден пред 5 години

Ground Zero 2006

Ground Zero 2006

Њујорк, 8 часот и 45 минути по локално време. Експлозија. Од северната кула на Светскиот трговски центар се шират огромни пламени јазици. Облаци од чад се креваат кон најгорните 25 ката од кулата.

Кратко по 9 часот. Многу големи телевизиски станици се вклучија во живо од Њујорк, се шпекулира дали можеби беше спортски авион тој што влета во кулата. Нејзиниот горен дел опасно се накриви. Тогаш одненадеж се појавува втор авион и во остер свиок влетува во јужната кула. Луѓето бегаат во паника. „Слушнавме силен тресок и потоа видовме чад и сите избегавме надвор. Тогаш го видовме авионот на другата страна на Светскиот трговски центар, насекаде имаше чад, луѓе скокаа од прозорците. Сите ходници беа блокирани, не можеше да се помине. Тогаш слушнав како удри вториот авион. И кога одиш натаму, можеш да видиш луѓе како скокаат од прозорците, тие токму сега скокаат од прозорците, ох, Боже!“ – опишува една жена – сведок.

Службите за контрола на летањето работат трескавично. Се’ уште е нејасно колку авиони воопшто се киднапирани. Се прекина контактот со пилотите на Америкен Ерлајнс 077, кој лета на релација Вашингтон – Лос Анџелес. Во 9 часот и 43 минути машината се урна врз Пентагонот.

Кратко пред 10 часот милиони луѓе ширум светот на телевизиските екрани директно ја доживеаја катастрофата: една по друга се урнаа обете кули на Светскиот трговски центар и под себе затрупаа повеќе илјади луѓе. Црно-сив облак од прашина го прекри Менхетн.

10 часот и 10 минути. Патниците во четвртиот грабнат авион, Јунајтед Ерлајнс 093, преку мобилни телефони дознаа за нападите врз Њујорк и Вашингтон. Тие се погрижија авионот да се урне кај Шенксвил во Пенсилванија. Терористите сакаа да го насочат кон Белата куќа во Вашингтон.

Претседателот Џорџ Буш беше известен за време на разговорот со едно одделение од училиште во Сарасота на Флорида. Тој се врати назад во Вашингтон, по заобиколен пат – од безбедносни причини. Во текот на денот трипати застана пред камерите: „Денеска изутрината е нападната слободата од еден подмолен кукавица. Ние ќе ја браниме слободата. Бидете сигурни: САД ќе ги фатат и ќе ги казнат оние, кои се одговорни за овие кукавички дела“ – рече Буш.

Од сите страни на светот дојдоа изрази на сочувство. Тогашниот германски канцелар Герхард Шредер му вети на Буш „неограничена солидарност“ од Германија. „Ова е објава на војна против целиот цивилизиран свет. Кој им помага или ги штити овие терористи, ги крши сите фундаментални вредности врз кои почива меѓусебниот соживот на народите. Германскиот народ, во овој толку тежок час за луѓето на Соединетите Држави, цврсто стои на страната на САД“.

Блер, Путин, Ширак, Арафат, Мушараф... долга е листата на државници што го изразија своето сочувство и солидарност со САД. Нападите најостро ги осуди и генералниот секретар на ОН Кофи Анан и нагласи: „Тероризмот мора решително да биде сузбиван насекаде, каде и да се појави“.

САД беа жртви на терористички напади кои надминаа и најпесимистички сценарија за можни опасности. Во нападите загинаа илјадници луѓе. По јапонскиот напад врз Перл Харбур во Втората светска војна, тоа беа први напади врз американска територија - и први на американскиот континентален дел воопшто во историјата на Соединетите Американски Држави.

Поврзана содржина