1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

100 години од раѓањето на Вили Брант - човекот кој ги помири непомирливите

Тој се бореше против Хитлер и останатите европски фашисти, ги доближи Истокот и Западот и ги седна на заедничка маса индустриските и земјите во развој. Вили Брант имаше визија за пофер свет.

На 7 декември 1970 година Вили Брант се упати кон Полска за да потпише договор за меѓусебно откажување од употреба на сила и признавање на поствоените граници. Дваесет и пет години по Втората светска војна, тоа не беше лесна задача за првиот германски канцелар кој ја посетил Полска – земјата нападната и брутално окупирана.

Варшава е градот во кој националсоцијалистите ги затворале Евреите во гето, по што ги депортирале и убивале во концетрациони логори. Варшава е целосно уништена во Втората светска војна. Вили Брант знаеше дека е потребен посебен гест за помирувањето со Полска. При положувањето венец на „Споменикот на хероите на гетото“ тој клекна на коленици. Тогаш настана тишина. Се слушаа само звуците од камерите.

Сликата од „клекнувањето во Варшава“ го обиколи светот. Таа сѐ до ден денешен спаѓа во еден од најпознатите моменти во германската историја.

Kniefall von Warschau 1970 Willy Brandt

Сликата од Варшава која го обиколи светот

„Тој, кој целиот свој живот се бореше против Хитлер, го презеде на рамена товарот, а не вината, на минатото“, се сеќава Алфред Гросер. За него ова до денес е „еден од најголемите моменти“. Тој како дете во 1933 година морал со своите родители да побегне од нацистите од Франкфурт на Мајна во Франција.

Канцеларот Вили Брант за својот гест беше остро критикуван како во Германија, така и во Полска. Но, за светот едно е јасно – Вили Брант ја отелотвори поинаквата, слободната Германија. Една година подоцна тој во Осло ја доби Нобеловата награда за мир.

Дете на 20-от век

Тој е роден на 18.12.1913 година како Херберт Ернст Карл Фрам во Либек. Неговиот дедо многу рано го поврзува со СПД, а подоцна се префрлува во радикалната Социјалистичка работничка партија (САП), која е забранета веднаш по преземањето на власта од страна на Хитлер во 1933 година. Во пролетта истата година тој бега во Норвешка под лажно име Вили Брант. Таму тој не се бори само против режимот на Хитлер, туку против сите фашистички владетели во Европа, и се ангажира и во Шпанската граѓанска војна.

100 Jahre Willy Brandt 1971 Oslo

Вили Брант во 1971 година ја доби Нобеловата награда за мир

Во 1947 година Брант се враќа во Германија и мора за целото време на својот живот да одговара на обвинувања од типот – што правевте дванаесет години надвор? Сепак, во 1957 година е избран за градоначалник на Берлин, позиција која барала голема дипломатичност во време кога градот е поделен на четири окупациски зони. Покрај него Кенеди во 1963 година се нарече – „јас сум берлинец“.

Во 1966 година Брант стана министер за надворешни работи, а три години подоцна и канцелар на Германија. Тој доживеа и политички порази, на пример со изградбата на Берлинскиот ѕид, на која не можел да ѝ се спротивстави. Негов успех во „политиката на мали чекори“ е приближувањето на Истокот и Западот. А, кога во 1989 година падна Берлинскиот ѕид – и тоа е благодарение на него. Биографија каква што може да ја напише само 20-от век.

Од Исток-Запад кон Север-Југ

Willy Brandt und Michail Gorbatschow 1985 in Moskau

Вили Брант фотографиран во 1985 година на средба во Москва со Михаил Горбачов

„Вили Брант се издигна над националниот идентитет, раса или религија. Тој во буквална смисла на зборот е граѓанин на светот. Тој веруваше дека неговата татковина е целиот свет и дека негова должност, како граѓанин на светот, е него да го направи подобро место за живеење“, вели сер Шридат Рамфал, кој и самиот е граѓанин на светот – роден во Гвајана и долгогодишен генерален секретар на Комонвелтот на нациите и член на бројни меѓународни организации. Од крајот на 70-тите години тој многу соработуваше со Брант.

Она што денес е речиси заборавено е дека Брант работеше на помирување не само на Истокот и Западот, туку и на Северот со Југот. Во 1977 година претседателот на Светската банка Роберт МекНамара создаде независна „Комисија за меѓународни развојни прашања во животот“. За шеф е поставен Вили Брант. Рамфал оценува дека тој бил прифатен од сите земји во развој од Африка до Азија.

Комисијата излегува со два извештаи – во 1980 и 1982 година, со кои предлага создавање на фер светски поредок. Барањата на Комисијата имаат релевантност и денес: разоружување, заштита на животната средина, раст на популацијата, технолошки трансфер, права на жените, аграрен протекционизам.

Вили Брант почина на 8 октомври 1992 година во Ункел, во близина на Бон.