1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

100 години доделување медали

Ј. Либолд / З. Јордановски25 ноември 2012

Пливање, скокови, спринт, фрлање ѓуле и трчање на долги патеки. Германскиот рекреативен спорт знае да биде многу напорен. Веќе 100 години се доделуваат медали за исполнети норми за секоја возрасна категорија.

https://p.dw.com/p/16Nod
Фотографија: DW

На почетокот за тогашните признанија за повеќестрани постигнувања во телесни вежби смееја да се кандидираат само мажи. На жените не им беше дозволено.

Во 50-тите години на минатиот век, времето на економското чудо, се’ се промени. Со подемот растеа и стомаците. Медицинарите беа загрижени - многумина Германци избегнуваа физички активности, мажите одеа на фудбалските стадиони само за да гледаат спорт, но не и самите да спортуваат.

„Десетици илјади секоја недела седат на трибините, стотици илјади пополнуват лото-ливчиња, но само осум проценти имаат редовни спортски активности“, објаснува еден лекар.

Доделувањето медали требаше да ги поттикне луѓето повеќе да спортуваат. Во 1952 година, по половина век, конечно и жените, како Маргарете Стривен од Хамбург, можеа да учествуваат.

Deutsches Sportabzeichen Dietmar Zinner ohne kopf
На почетокот за медали можеле да се натпреваруваат само мажитеФотографија: DW

„Јас секогаш можев добро да скокам, ми одеше и фрлањето ѓуле, секако и пливањето. Но, секогаш хорор ми беа спринтовите. Навистина тренирав, тренирав и тренирав, но некако најтешко ми паѓаше“, вели Маргарете Стривен, сениорка со спортски признанија.

Таа тренира по дожд и по сонце и конечно успеа 75 метри да истрча за 20 секунди. Тоа беше доволно за да добие медал.

Во 70-тите и 80-тите години медалите беа посакуван трофеј во рекреативниот спорт. Учествуваа семејства, училишни одделенија, цели групи од спортски секции во претпријатија. Дури и највисоките државници на земјата ги ценеа спортските активности. Поранешниот сојузен претседател Рихард фон Вајцзекер, на пример, секоја година се бори за спортско-рекреативните медали.

И Маргарете Стривен е трудољубив колекционер на тие признанија. До денес собрала 52 одличја за некои спортисти. Таа учествува и на светските првенства во атлетика за сениори. Најомилена дисциплина и’ е скок во височина. Еднаш дури стана и светска првенка. Тогаш веќе имаше над 80 години.

Deutsches Sportabzeichen Dietmar Zinner Kugelstoßen
Желбата за освојување медали не познава границиФотографија: DW

„Стоев тука осамена и скокнав. Ја турнав летвата. Скокнав уште еднаш, пак исто. Дури во третиот обид успеав. Тогаш бев многу среќна. Тоа се такви внатрешни чувства, што не можат да се опишат. Добив вистинска треска“, објаснува Маргарете Стривен, сениорка со спортски признанија и додава: „Сакате да видите еден светски првак? Еве го овде!“

На спортските натпреварувања Маргарете Стривен освои повеќе од 80 медали. Но, најважен трофеј и’ е медалот за рекреативци од 1955 година. Денес има 89 години и не ни помислува да престане да спортува.

„Се’ додека можам, ќе се борам за диплома, а кога веќе не ќе оди, тогаш сепак ќе одам надвор и што и да е ќе тренирам. Ќе земам ѓуле в рака, малку ќе трчам, ќе скокам во височина“, вели Стривен.

Како Маргарете Стривен, мината година во Германија 900 илјади спортски рекреативци ги исполнија условите за добивање медал.