1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

10 исчезнати американски морнари во несреќа кај Сингапур

СН/ агенции
21 август 2017

Во водите пред Сингапур американски разурнувач се судри со танкер со нафта. Потрагата по десет исчезнати американски морнари е во тек. Ова е веќе втора ваква несреќа ова лето.

https://p.dw.com/p/2iYkV
Singapur USS John S. McCain nach Kollision
Фотографија: Reuters/A. Masood

Американски воен брод се судри денеска со танкер кој превезувал нафта кај Сингапур, при што изчезнаа 10 американски морнари, а 5 се повредени. Американската воена морнарица соопшти дека разурнувачот „Џон С. Мекејн“ рано утрината се судрил  со 183 метри долгиот танкер „Алник МЦ“ кој превезува нафта и хемикалии.

Четворица морнари со хеликоптер на сингапурската морнарица се префрлени во болница, но се надвор од животна опасност, а на еден морнар не му била потребна понатамошна медицинска помош.

Сингапурските власти соопштија дека не е повреден никој од посадата на танкерот, кој плови под либериско знаме.

Судир на разурнувач и танкер кај Сингапур

Американскиот воен брод одел во Сингапур во рутинска посета на пристаништето, по минатонеделната пловидба во близината на кинескиот вештачки остров во спорните води на Јужното Кинеско Море, во операција која демонстрира слобода на пловење.

Разурнувачот е оштетен на левата задна страна, но продолжил да плови кон пристаништето. На танкерот му е оштетен предниот дел на седум метри над нивото на водата.

Сингапур испрати помош во потрага за исчезнатите морнари, а во спасувањето помагаат и два малезиски брода и авион.

Засега не е познато зошто се случил сударот меѓу уништувачот и танкерот.

Tanker Alnic MC nach Kollision mit U.S. Navy USS John S. McCain
Фотографија: Reuters/Van Der Perre

Седум морнари загинаа во јуни кога американскиот разурнувач „Фицџералд“ се судри со филипински трговски брод во близина на Јапонија.

Морнарицата минатата недела соопшти оти лошото управување и грешка во држењето стража придонеле за сударот.