1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Џулијан Асанж ја обжалува пресудата за екстрадиција

Основачот на Викиликс Џулијан Асанж денеска треба да се појави пред британскиот Врховен суд за да ја ожали неговата екстрадиција во Шведска, каде е обвинет за шест сексуални престапи.

default

Џулијан Асанж

Правниот тим на Џулијан Асанж го прави последниот напор за избегнување на екстрадицијата во Шведска. Тие пред британскиот Врховен суд ја обжалија екстрадицијата на Асанж. Шведските власти за него водат случај за шест сексуални престапи, што наводно ги направил за време на престојот во земјата во 2010-та година. Асанж ги негира ваквите обвинувања.

Но, и покрај тоа, подолните судови веќе двапати донесоа пресуда со која се одобрува неговата екстрадиција во Шведска. Адвокатите на Асанж го спорат налогот за екстрадиција, бидејќи тој бил издаден од обвинителот, а не од неутрален судија или суд. Ако Врховниот суд го одбие овој аргумент, тогаш Асанж можеби ќе го однесе својот случај пред Европскиот суд за човекови права, но нејасно е дали тоа би ја запрело неговата екстрадиција во Шведска. Расправата во Врховниот суд ќе трае два дена и се очекува судот да ја објави својата одлука по неколку недели.

Екстрадицијата може да значи згаснување на Викиликс

Großbritannien Schweden WikiLeaks Julian Assange wird ausgeliefert Urteil

Асанж дава изјава за новинарите пред судот во Лондон

Ако Асанж биде екстрадиран во Шведска, тогаш тоа може да биде чекор што ќе ја однесе неговата веб страница во заборав. По неговото апсење, Викиликс почна да исчезнува од насловните страници во медиумите и се соочи со недостаток на финансиски средства.

Асанж цело време ги обвинува САД за процесот што се води против него и тврди дека властите во Вашингтон бараат начин како да му вратат за објавените содржини на Викиликс.

Но, во Вашингтон постои поделеност во однос на Асанж. Дел од функционерите повикуваат на поостра постапка против него за да запре протекувањето на доверливи информации во јавноста, а друг дел, пак, велат дека обвинението е правно проблематично и дека би му дало само поттик, ако се покаже дека тоа е ирелевантно.

Асанж гради ТВ-кариера

Асанж, иако е во домашен притвор, тој направи неколку чекори напред во кариерата. Така, на 19-ти февруари ќе се појави како гостин во епизода од американската анимираната серија „Симпсонови“, а телевизиската куќа „Раша тудеј“, основана од Кремљ, објави минатата недела дека го ангажирала Асанж да води политичко ток-шоу наречено „Светот утре“. Од продукцијата на „Симпсонови“ изјавија дека постоела внатрешна дискусија дали да се ангажира Асанж за епизодна улога во серијата, по што паднала одлука и Асанж бил сниман телефонски од непозната локација за продукцијата.

Автор: Александар Методијев /СН/ап/ројтерс/афп

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска