1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Џулијан Асанж: Пет години самотија

Пред точно пет години Џулијан Асанж се сокри во амбасадата на Еквадор во Лондон - и денес стравува од екстрадиција во САД. Не е во затвор, но животот му се сведува на еден компјутер, лента за трчање и една мачка.

Првиот човек на Викиликс, преку кој беа објавени десетици илјади документи непријатни за многу влади во светот, имаше добри причини да стравува од лутината на американските служби и тамошното правосудство. Затоа пред пет години побара азил во амбасадата на Еквадор и остана да живее во 20-ина квадрати преуредена канцеларија во дипломатската зграда во Лондон.

Единствено друштво му е една мачка, а за најважен прибор ја смета ламбата која му создава впечаток на дневна светлина. Амбасадата нема двор, а тушот и бањата се од привремена природа. Асанж одржува врска со светот со својот телефон и компјутер, а храна му носат од блискиот паб.

Влошена здравствена состојба

Кон крајот на мај годинава, Шведска ја запре постапката против Асанж, но сепак и натаму му се заканува апсење на британска територија. Британската полиција тоа го образложува со тврдењето дека Австралиецот „ги прекршил условите за условна слобода“.

Од балконот на амбасадата тој неодамна им порача на своите поддржувачи дека „дури сега почнува вистинската војна“, но таа војна, Асанж ќе ја води зад четири ѕида. А таму му е сѐ полошо, велат неговите најблиски. Минатиот февруари неговата мајка се пожали, во интервју за австралиската ТВ Еј-Би-Си дека нејзиниот син има проблеми со срцето, хронична воспаление на белите дробови и тешки болки во рамото.
И угледни правници го сметаат за проблематично тоа што британското правосудство сака да го уапси Асанж поради прекршувањето на одредбите за условната слобода. Николаос Газеас, експерт за меѓународно право, во интервју за ДВ објасни дека е во прашање лесно дело кое не би требало да повлекува кривичен прогон. Со оглед на екстремната ситуација во која живее Асанж веќе пет години, налогот за апсење е целосно непримерен.

London Botschaft Ecuador Julian Assange's Katze Fenster (Reuters/P. Nicholls)

Мачката на Асанж на прозорот на зградата на амбасадата на Еквадор

Намалена доверба

Дали во случајот се работи само за тоа Британците да го уапсат за да го екстрадираат во САД? Повеќе американски медиуми јавија дека тамошното државно обвинителство подготвува тужба против Асанж и други соработници на Викиликс за наводен заговор, кражба на имот на американската влада и шпионажа. Од американското министерство за правда тоа, ниту го потврдија, ниту го демантираа. Министерот Џеф Сешнс соопшти дека апсењето на основачот на Викиликс и борбата против објавувањето на државните тајни е „приоритет“ на новата американска администрација.

Тоа не е добро за Асанж. И неговиот углед како борец за слобода на медиумите во изминатите години претрпе удари по обвинувањата дека шурува со Русија. Голема прашина подигна и објавувањето на електронската пошта на водечките американски Демократи преку која беа откриени блокадите кои се праввеле против Берни Сандерс од страна на групацијата околу Хилари Клинтон.

Поддршката за Асанж полека испарува и во Еквадор. Неодамна, новиот претседател Ленин Морено го нарече „хакер“ кој тој и неговата земја не го поддржуваат. Уште за време на предизборната кампања Морено го предупреди Асанж да не помислува да се вмеша во политиката на таа јужноамериканска држава. Но сепак: претседателот на Еквадор не сака да му го откаже азилот. Неговата земја и натаму ќе му пружа засолниште во оние 20 квадрати во Лондон, рече Морено.

DW.COM