1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Џорџ Буш неочекувано го посети Ирак

Безбедносните прашања - централна тема во разговорите

Буш и ал-Малики

Буш и ал-Малики

За време на неколкучасовниот престој американскиот претседател се состана со ирачкиот премиер Нури ал-Малики и со него непосредно разговараше за безбедносната политика, иако претходно беше ненајавена нивна видео-конференција. Тоа очигледно било маневар за да се прикрие доаѓањето на Буш во Багдад.

Ал-Малики го поздрави ненадејниот гостин во добро обезбедената „зелена зона“ долж брегот на реката Тигар. И самиот Малики за средбата дознал на пет минути пред нејзиното одржување. Џорџ Буш, по слетувањето на претходно во текот на денот посебно силно обезбедуваниот меѓународен аеродром во Багдад, со хеликоптер за само осум минути се нашол директно во владиниот кварт во „зелената зона“. Средбата на Буш и Малики сепак била пренесувана преку видео-конференција во Кемп Дејвид, каде ја следеле американаскиот потпретседател Дик Чејни, министерот за надворешни работи Кондолиза Рајс и нејзиниот колега од ресорот за одбрана Доналд Рамсфелд. Единствено тие биле и претходно информирани за патувањето на претседателот во Ирак, прво по ноември 2003-та.

По разговорот со ирачкиот премиер Буш изјави: „Со премиерот и неговиот кабинет, како и со членови на мојот кабинет, ги разгледавме стратегиите што се неопходни за оваа земја да може да биде дорасната на потребите на населението. Тука спаѓаат стратегиите за безбедноста, за економијата, за обновата - и сето ми се чини дека е многу разумно. Ми беше важно лично да се појавам овде за да ви кажам дека Америка опстојува врз дадениот збор“.

И покрај широчината на темите набројани од Буш, недвосмислено во преден план беше безбедносната политика. Шест денови по смртта на терористот на Ал Каеда Мусаб ал Заркави, Американците и Ирачаните сакаа да уверат дека ќе продолжи заедничката борба против насилството во земјата. Во тој контекст од денеска Багдад ќе биде претресен со акција во досега невидени размери: повеќе од 40 илјади – според некои извори дури и 70 илјади ирачки и американски војници ќе го „прочешлаат“ главниот град, соопшти ирачката влада. Со денови се сметаше на таква акција за воспоставување ред и мир во Багдад.

Натамошна важна тема во разговорите е можното повлекување на американските трупи. Новата ирачка влада повеќепати нагласи дека смета оти наскоро ќе може да излезе на крај и без присуство на меѓународни трупи во земјата. Неодамна националниот советник за безбедност Муафак ал-Рубаи соопшти еден вид временски план: „До крајот на наредната година ќе биде повлечен најголемиот дел од меѓународните сили, а до средината на 2008-ма веќе не ќе можат да бидат видени ни во градовите, ниту во селата“.

Пред полетувањето назад во Кемп Дејвид, Џорџ Буш уште еднаш борбено најави дека САД „го имаат на нишан“ и наследникот на ал-Заркави и оти и тој ќе ја добиел праведната казна. Слична политика на цврста рака со денови застапува и новиот ирачки премиер ал-Малики, но дури во четвртокот конечно во парламентот беа избрани неговите важни министри од безбедносните ресори за внатрешни работи и за одбрана. Буш и со нив разговараше за стратегијата за борбата против теророт.