1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Џон Ф. Кенеди - крај на еден сон

„Повеќе се работи за аура, отколку за политички достигнувања кои остануваат“, напиша неодамна „Њујорк тајмс“ за Џон Ф. Кенеди. Неговиот мандат траеше 1063 дена и беше прекинат со атентат. Кенеди зад себе остави мит.

Многу политички аналитичари без илузии гледаат на претседателскиот мандат на Кенеди. Тој внатрешно и надворешнополитички се обиде многу да направи, но постигна малку. Тој прво драматично ја прошири војната во Виетнам, за потоа кратко пред смртта да зборува за повлекување од неа. Законот за граѓанските права, пак, беше поднесен дури по неговата смрт од страна на наследникот на претседателската функција - Линдон Б. Џонсон. Дали тоа го прави Кенеди просечен, па дури и лош претседател, како што денес велат некои коментатори во Вашингтон?

„Кенеди и‘ даде на цела Америка голема надеж. Овој оптимизам, оваа способност да ја отвори Америка за нови авантури - тоа е неговото наследство“, вели Марвин Калб од институтот „Брукингс“ и додава: „Би сакал денес да можеме да видиме повеќе од тоа“.

USA Tod von John F. Kennedy Ankunft mit Jacqueline Kennedy in Dallas Flughafen

Џон Ф. Кенеди и неговата сопруга Џеки фотографирани за време на пристигнувањето во Далас на 22.11.2013 година

Но, и најголемите скептици речиси да не можат да побегнат од магичното „што ќе беше ако“ кога денес ќе се спомене Џон Ф. Кенеди. Тој е атрактивен и натаму за многу генерации. Така, постарата госпоѓа Кристин Донован присуствуваше на концертот во знак на сеќавање на Кенеди, кој се одржа во вашингтонската катедрала Св. Матеј, во која пред 50 години се одржа погребната миса за Кенеди. Таа на неговиот мандат се сеќава како на светло и инспиративно време.

„Тоа беше прекрасно време во нашата историја. Неговата смрт ја трауматизираше целата нација. Луѓето со часови гледаа во телевизорите, а црквите беа преполни“, се сеќава Донован.

На концертот беше присутен и Ендру Крафт со своите пријатели. Тие се родени по неговата смрт. „За мене лично тој е икона. Тој е пример на кој човек може да се угледа“, смета младиот Крафт.

Еден постар господин се обидува да биде порационален: „Тоа е повеќе имиџ, отколку што тој вистински нешто направи. Сликата за него беше фантастична за мене кога бев млад. Тој беше инспирација за нас, бидејќи го остави зад нас конзервативното време на 1950-те години. Времето се промени и тој тоа го претставуваше“.

Далас, 22.11.1963

Во Далас живее докторот Ронал Џонс, еден од првите лекари кои во операционата сала му дале прва помош на Кенеди по извршениот атентат врз него.

„Седев во кафетеријата по медицинска интервенција. Беше 22 ноември 1963 година, пет години по моето медицинско школување. Тогаш добив сигнал - веднаш да се јавам во централата. Тргнав кон телефонот на ѕидот од кафетеријата: „Д-р Џонс, пукано е на претседателот. Тие го носат во ургентното одделение и појавете се на вашето место“, слушнал Џонс од другата страна на линијата.

USA Tod von John F. Kennedy Vereidigung von Lyndon B. Johnson im Flugzeug

На 22 ноември 1963 година, по атентатот врз Кенеди, Линдон Б. Џонсон дава заклетва како американски претседател во претседателскиот авион, додека покрај него стои Џеки Кенеди, сопругата на Џон Ф. Кенеди

Тој и неговите колеги се обидувале повеќе од осум минути да го оживеат претседателот Кенеди, со растреперен глас раскажува докторот, иако се поминати 50 години од овој случај.

„Ние сите сфативме дека тој беше мртов. Мислам дека и госпоѓата Кенеди го знаеше тоа исто така. Мислам дека таа можеше да препознае оти тој е починат или дека умира кога беше донесен во болницата, бидејќи таа го држеше во прегратка во лимузината на патот до болницата“, додава докторот Џонс во интервјуто за Дојче веле.

Политичко наследство

Што останува од краткиот мандат на најмладиот претседател во историјата на САД? Кенеди му се спротивстави на Советскиот сојуз во Кубанската криза. Кенеди на договорот со Советскиот сојуз за нуклеарните тестирања гледаше како на голем свој успех. Експертот Марвин Калб смета дека наследството на Кенеди е што „дури и кога двете страни имаат огромни разлики, сепак постои начин тие разлики да се надминат, а тоа без преседан беше така меѓу двете суперсили“.

Значајно е и неговото настојување за „социјален ангажман“, што беше мотивација за многу протести - од протестите против војната во Виетнам до движењето „Окупирај го Вол Стрит“. Младите луѓе кои беа дел од него, иако немаат сеќавања на 1963 година, сепак носеа транспаренти со цитати од Кенеди.

Повеќе од 340.000 луѓе, пак, секоја година ја посетуваат постојаната изложба во музејот посветен на Кенеди во Далас. Од прозорец на шестиот кат во објектот, кој сега е музеј, Ли Харви Освалд пукал кон претседателот. Во музејот бројни фотографии го прикажуваат настанот - од пристигнувањето на претседателот во Далас, преку атентатот, до неговото пренесување во болница.