1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Џонсон контролс ќе гради фабрика во Македонија

Американската компанија Џонсон контролс ќе гради фабрика за автомобилска опрема во Македонија.

Автоиндустрија

Автоиндустрија

Меморандумот за инвестицијата на Џонсон контролс, градење фабрика во Македонија, денеска во Скопје го потпишаа македонскиот премиер Владо Бучковски и Томас Папцел од раководството на Џонсон контролс. Изградбата ќе почне во септември на локацијата Бунарџик, близу Скопје, каде Македонија со години безуспешно се обидуваше да изгради слободна економска зона. Американците најавија дека долгорочно во новата фабрика планираат да вработат 500 луѓе. „Ќе произведуваме електронски производи, што ќе бидат пласирани на сите пазари во светот, прво во Западна Европа и тоа во Франција и Германија, а подоцна и во целиот свет.“ изјави Томас Пацел, заменик претседател на Џонсон контролс за Европа.

Премиерот Бучковски вети дека до 1 септември Македонија ќе го подготви теренот за да почне да се реализира инвестицијата, што според него значително ќе и го поправи имиџот на Макеоднија како атрактивна бизнис дестинација во регионот. „ На овој пример треба да учиме дека за успешен бизнис и за присуство на големи – светски реномирани компаниии во Република Македонија потребно е да се има лоби група, потребно е да се има можеби по некој нашинец, но во краен случај во бизнисот нема многу сентименталност, треба се биде конкурентен. Сметам дека Република Македонија во овој проект ја покажува својата конкурентност и отвара нова визија и нова перспектива дефинитивно да станеме посакуваната бизнис дестинација во Југоисточна Европа.“

Македонија во намерата да го донесе Џонсон Контролс се тркаше со Полска. Американците одмеруваа која земја ќе им понуди подобри услови за инвестирање. Предност на Македонија е ефтината работна сила, а Џонсон контролс дополнително побара и даночни олеснувања и сопственост врз земјиштето каде ќе ја гради фабриката. Што доби остана тајна, владата и американските инвеститори одбија да кажат детали од договорот.

Денеска најавената инвестиција треба да го поправи и рејтингот на владата во предизборието, по низата нереализирани ветувања за ниови странски инвестирања од мината година. Рускиот нафтен гигант Лукоил требаше да изгради 40 бензиски пумпи, а сеуште се гради првата. Инвестицијата на германски Сименс остана само пуста желба, а пропадна и проектот на ефтини станиови од малезиска компанија. И холандскиот банкарски бренд ИНГ, кој подолго време го испитуваше македонскиот пазар реши да се повлече и да не ивестира во Македонија.

Џонсон контролс е водечки светски производител на седишта, акумулатори и други делови за внатрешно опремување на автомобили. Негови партнери се најголемите автомобилски компании во светот.