1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

„Џерманвингс“ ќе ја спасува „Луфтханза“

Големите воздухопловни компании не можат да работат рентабилно на кратки релации. Сега „Џерманвингс“ треба да преземе од „Луфтханза“ голем дел од тие релации во Европа. Ако тоа не помогне ќе престојат радикални промени.

„Џерманвингс“ презема летови и авиони од „Луфтханза“, со што ќе ја засили својата конкурентност во однос на другите нискотарифни компании како „Рајанер“ и „Изиџет“. Кристоф Франц, шеф на „Луфтханза“, кој денеска (06.12.2012) ги обелодени престројувањата, во интерниот весник за вработените деновиве оцени дека ова е „последна шанса“ за германската воздухопловна компанија.

Концептот накратко кажано се сведува на ова: сите летови во Германија и Европа, кои не ги засегнуваат клучните јазли на „Луфтханза“ во Франкфурт и Минхен, од 2013 година ќе ги преземе досегашната нејзина нискотарифна фирма-ќерка „Џерманвингс“. „Луфтханза“, пак, ќе ги задржи сите летови кон Франкфурт и Минхен, како и летовите на долги линии од тие два аеродрома, како и од Диселдорф.

Новиот „Џерманвингс“, со ново лого и со ново мото „Поволно, а не ефтино“, наместо досегашните 32 авиона, ќе има флота од околу 90 авиони (од

„Луфтханза“ како и од нејзината друга фирма-ќерка „Јуровингс“) и со нив ќе лета кон 110 дестинации во Европа. Годишно ќе превезува околу 20 милиони патници. Компанијата ќе нуди три тарифи - најефтината од 33 евра по лет во една насока, но со доплата за багаж и за послужување во авионот, една средна со дозволен багаж од 23 килограми и бесплатен сендвич и еден пијалок, и една луксузна со посебен конфор за патникот на аеродромите и во авионот - но и со цена е до 399 евра во една насока.

„Деградација“ на пилотите и кабинскиот персонал

Плановите за преструктуирање се примени од вработените во „Луфтханза“ со скепса оти околу 800 пилоти и стјуарди и стјуардеси ќе треда да преминат во „Џерманвингс“, што тие го сметаат за деградирање, а во секој случај ќе значи и пониски плати. Според Кристоф Франц, трошоците на „Џерманвингс“ на иста линија споредено со „Луфтханза“ се пониски за 20 проценти поради пониските плати, но и поради единствената флота од авиони Ербас А 320, како и со поедноставната организација на работата. Со новите зафати концернот треба во 2015 година да бележи позитивен резултат во работењето откако последните години на хронично дефицитарните линии загубата достигна троцифрен милионски износ. 

Променет амбиент, несоодветни реакции

Светот на цивилното воздухопловство драстично се промени и во него се помалку има простор за традиционалните џинови како „Луфтханза“, „Ер Франс-КЛМ“ или „Бритиш ервејс“. Таканаречените нискотарифни превозници освоија пазарен удел од 35 проценти  во Европа. Нивниот концепт - едноставен транспорт од едно до друго место без екстра-додатоци и со повлни цени, се докажа и ги освои патниците. Засекогаш помина ерата на скапи билети за летови на кратки релации. Но, токму великаните во воздухопловството бавно реагираа на ваквите промени. Затоа е сега битно промените да се извршат што е

можно побргу.

Германците стојат релативно добро и рентабилно работат на долгите релации. Сепак, годинава се зајануваат загуби, оти само 40 проценти од сите линии што досега ги одржува „Луфтханза“ се рентабилни. Кратките релации во Европа носат загуби со години, дома и со децении.

Конкуренцијата извлече консеквенции: „Бритиш ервејс“ речиси целосно се повлече од домашни летови, „Иберија“ кратките релации им ги препушти на своите фирми-ќерки, но и натаму работи со загуби, токму како и „Ер Франс-КЛМ“. Оваа компанија и натаму нема концепт како да постапи со кратките релации.

Куриозитет е дека досега „Џерманвингс“ и „Луфтханза“ меѓусебно си конкурираа на некои линии. Во иднина тие треба оптимално да ја координираат мрежата од линии. Се разбира, прашање е дали досегашните патници на „Луфтханза“ ќе ја користат во иднина понудата на „Џерманвингс“ на релациите што ги презема или ќе одат кај конкуренцијата, како „Ер Берлин“ или други нискотарифни авиопревозници.