1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Џамбо советот“ го подготвува НАТО самитот

Министрите за надворешни работи и за одбрана од НАТО членките денеска во Брисел ги започнуваат дводневните разговори. Состанокот доби прекар „Џамбо совет“. Целта е подготовка за НАТО самитот во мај

„Џамбо советот“ денес и утре треба да расправа за временскиот распоред на повлекувањето на ИСАФ силите предводени од НАТО, но не се очекува тој да биде променет. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, кој ќе учествува на состанокот во Брисел, изјави: „Тоа останува“. Повлекувањето на 130.000 војници од Авганистан ќе продолжи според планираното.

Трансферот продолжува

НАТО останува на тоа да се предаде одговорноста за безбедноста во поединечните провинции во Авганистан на командантите на авганистанските трупи. Половина од територијата веќе е под авганистанска команда. До средината на 2013-та трансферот на контролата на безбедноста треба целосно да заврши. До крајот на 2014-та најголем дел од ИСАФ трупите, кои доаѓаат од 49 земји, треба да го напуштат Авганистан. Тоа беше одлучено на последниот НАТО самит во 2010-та во Лисабон.

Сега треба да се потврди дали се останува на временската рамка. Американскиот претседател Барак Обама сака за време на претстојниот НАТО самит во мај во Чикаго да објави кога и колку американски трупи ќе се вратат дома.

Кој плаќа за авганистанските трупи?

НАТО обучи 350.000 авганистански полицајци и војници. Нивниот број се очекува да се намали по 2014-та и веројатно авганистанските безбедносни сили ќе бројат 235.000 членови. На „Џамбо советот“ министрите за надворешни работи и одбрана ќе се борат за тоа кој треба да ги плаќа овие големи безбедносни трупи. Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен, кој минатата недела беше во посета на авганистанскиот претседател Хамид Карзаи, процени дека земјите учеснички во ИСАФ мисијата би треба да ги преземат трошоците.

„Остануваме посветени на Авганистан и по 2014-та“, рече Расмусен. Според проценките, секоја година ќе бидат потребни четири милијарди американски долари за плаќање на војниците и полицајците. Освен тоа, министрите мораат да се договорат како логистички да се организира и координира повлекувањето на логистиката од 130.000 мажи и жени со 70.000 возила преку Пакистан и Централна Азија.

„Веројатно за оваа посебна операција е потребен посебен мандат. Германија е регионална сила на северот и ја предводи Регионалната команда – Север. Тоа значи дека ние сме одговорни за конкретни логистички операции, поддршка и снабдувања. Тоа значи дека Германците мораат да се грижат за повлекувањето и на Норвежаните, Швеѓаните и другите земји“, рече за Дојче веле поранешниот НАТО генерал Егон Рамс.

Рускиот гостин отфрла противракетна одбрана

Педесет и шесте министри во Брисел ќе имаат гости од партнерските земји на НАТО. Најзначаен од нив е рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Руската поддршка е ургентно потребна, бидејќи голем дел од

транспортот треба да се спроведе преку руска територија.

Тема ќе биде и контроверзниот ракетен штит што НАТО сака да го изгради во Европа. Русија во голема мера се противи на планот, додека НАТО сака на самитот во Чикаго да се покаже почетна оперативна подготвеност за делови од тој план. Според информации од НАТО, Русија на ракетниот штит гледа како на намалување на нејзината можност да се справи со атомско оружје на нејзин напад. Наводно во знак на протест за ракетниот штит, рускиот претседател Владимир Путин го откажа учеството на НАТО самитот во Чикаго. Кремљ соопшти дека тоа е направено поради проблеми со агендата на претседателот.