1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Ќе ја мине ли Лајпциг првата елиминација на кандидатите за домаќин на олимпијадата 2012?

Релативно малиот Лајпциг бара шанса да ја добие организацијата на летната олимпијада во 2012-та година, покрај конкуренти како Њујорк, Париз, Лондон, Рио де Жанеиро, Москва, Истанбул, Мадрид или Хавана. Резултатите од првата селекција ќе бидат објавени денеска, а домаќинот дефинитивно ќе биде одбран на 6-ти јули наредната година на сесија на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) во Сингапур.

Човечки синџир - манифестација во саботата во прилог на кандидатурата на Лајпциг

Човечки синџир - манифестација во саботата во прилог на кандидатурата на Лајпциг

Нема правило кое вели дека некој град мора да биде отпишан при првата елиминација. Значи, можно е сите 9 кандидати да останат во трката. Претседателот на МОК Жак Рог денеска ќе ги објави резултатите до кои дојде 10-члена експертска комисија на Комитетот при техничката проверка на одговорите на прашањата од каталозите што заинтересираните мораа да ги поднесат заедно со кандидатурата. Како официјални кандидати од денеска ќе се сметаат градовите што според наоѓањето на Комисијата ги исполнуваат техничките предуслови за организација на олимпијадата.

Спротивставени се оценките во Германија околу изгледите на Лајпциг, со половина милион жители далеку помал од другите конкуренти. Реномираниот историчар на олимпијадите Клаус Ленарц е песимист. “Според мене, шансите на Лајпциг да ја помине првата селекција се фифти-фифти. Ако ја мине, тоа би значело дека ниеден кандидат нема да отпадне. Пред 10-ина години имаше размислувања да се елиминираат повеќе кандидати во предизборот и во трката да остануваат само по 4 до 5 градови. Сега како да се отстапува од тоа. Ако се случи сите да бидат прифатени – тогаш останува и Лајпциг. Но, ако се врши избор, тогаш големи ми се стравувањата дека Лајпциг веќе сега ќе падне” – вели Ленарц.

Спротивен е ставот на сојузниот министер за внатрешни работи Ото Шили, во чија надлежност е и врвниот спорт, со тоа и олимписката кандидатура на Лајпциг: “Ова не е кандидатура само на Лајпциг, ни само на покраината Саксонија, туку е кандидатура на Германија со Лајпциг и Саксонија”.

Шили во име на сојузната влада ги даде сите политички и финансиски гаранции што ги бараше МОК – важен предуслов за да се прескокне првата елиминација. По почетните жестоки турбуленции, општа е оценката дека градот во меѓувреме оствари добра работа во завршувањето на техничките задачи. Лајпциг импонира пред се‘ со екстремно компактниот концепт на спортски борилишта: клучните спортови атлетика, пливање и веслање би се одржале во Олимпискиот парк во близина на центарот на градот, во кого се наоѓа и велодромот. Треба да бидат направени многу мобилни арени, што потоа да можат да бидат преместени и на друго место. Со тоа се исполнуваат две барања на МОК: трајно користење и штедливост. Во тој пункт Лајпциг треба да биде пример за углед.

Слаба точка на неговата кандидатура може да биде концептот за сместувалишта. Во малиот Лајпциг е неекономично да се градат огромни хотелски капацитети само за кусиот олимписки бум. Тогаш се роди идејата стари градби да се уредат како хотели-резиденции и тие санирани недвижнини потоа трајно да се користат како станбени или деловни објекти. Претседателот на олимпиското движење Жак Рог при посетата на Лајпциг кон средината на април се загреа за идејата: “Хотел-резиденција е многу иновативна идеја. Прв пат среќавам таков интелигентен концепт за олимписки игри”.

За Рог не е пресудна големината на градот при изборот на организаторот на игрите: “Големината на градот не е детерминирачки фактор за успехот на игрите”. Жак Рог притоа потсети дека норвешкиот град Лилехамер со само 14 илјади жители ги организира веројатно најдобрите зимски олимписки игри досега. Тој укажа и на она што е посебно важно за кандидатурата: “Безбедноста е приоритет број 1 за МОК". Во тој поглед, општа е оценката дека Лајпциг високо котира во споредба со другите кандидати, кои доживеаја терористички напади или не стојат под особено позитивен предзнак.

Германија со Лајпциг по деветти пат конкурира за организација на зимска или летна олимпијада. Од осумте досегашни кандидатури, пет беа прифатени, но летната олимпијада во Берлин 1916-та и зимската во Гармиш-Партенкирхен 1940-та не се одржаа поради светските војни. Берлин како последен конкурираше за летната олимипијада 2000-та, но доживеа пораз при изборот во Монако 1993-та година.