1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Ќе ја избрише ли УНЕСКО Келнска катедрала од светското културно богатство?

Келнската катедрала веќе половина година се наоѓа на “црвениот список“ на УНЕСКО. Тоа значи дека на катедралата стара преку 750 години и се заканува исклучување од списокот на светското културно богатство.

Келнската катедрала со еден од мостовите преку реката Рајна

Келнската катедрала со еден од мостовите преку реката Рајна

Причина се намерите на градските власти да изградат нови објекти од другата страна на реката Рајна, кои пак ќе го затскријат видикот врз “старата дама“. За оваа тема стануваше збор и на вчерашното (среда) заседание на УНЕСКО во Париз, по што надлежните власти најавија дека ќе ги прифатат барањата на оваа организација.

Тоа што врвовите на двете кули на келнската катедрала доминираат со небото над нивниот град, секако им влева чувство на гордост на сите Келњани. Но, тоа што најважниот монумент и такаречи срцето на градот се наоѓа на црвениот список на УНЕСКО и наскоро може да биде исфрлен од светското културно богатство, предизвикува загриженост и бурни дискусии.

Шефицата на тимот за обнова на Катедралата, Барбара Шок Вернер, оценува дека таквиот чекор може да има далекусежни последици:

“Економскиот аспект е во тоа што токму туристите од Азија, а тоа се посетителите на иднината, се почесто патуваат по светот со водичот на УНЕСКО за знаменитостите од културното богатство в рака. Тоа значи дека овој список им служи како оринетација и гаранција дека таму ќе видат навистина нешто посебно. Ако Катедралата биде избришана од овој список на УНЕСКО, тогаш тоа ќе значи сосема јасно помалку посетители за Келн.“

Високите згради, за чие градење издадоа дозвола градските власти, се наоѓаат навистина неколку стотици метри оддалечени од старата дама во центарот на Келн, но експертите на УНЕСКО сепак сметаат дека тие ќе го загрозат единствениот поглед на катедралата од сите приоди кон градот. Конечната одлука УНЕСКО треба да ја донесе најдоцна до јули 2005-та, а на вчерашната средба во Париз беше сондирана готовноста на компромис на германската страна. Министерот за култура при покраинската влада за Северна Рајна Вестфалија, во која припаѓа и Келн, најави дека натамошните урбанистички планови ќе ги почитуваат барањата на УНЕСКО.

На големото плато пред катедралата не се забалежува ништо од бурните дебати околу нејзината судбина. Море од преку 20.000 туристи дневно се слева и понатаму низ нејзините порти. Ова ремек дело на готиката и понатаму е најпосетената знаменитост во цела Германија. Ваквата гужва понекогаш му оди на нерви на главниот инжењер задолжен за обновата на катедралата, Уве Шефер. Но, од друга страна така големиот интерес на туристите од целиот свет му дава потврда за исправниот избор на професијата:

“Ова е за мене работно место од соништата. Подобро не можеше никој да ми понуди. Имав само 17 години кога учествував во раставрацијата на кафето Рајхерт од спротива на катедралата. Тогаш си реков во себе: еден ден сакам да работам на ова прекрасно здание, не како шеф, туку едноставно да бидам дел од тимот.“

Деновиве неговите соработници токму работат на обновата на најчувствителната и најголема рана на старата дама од Келн. Имено, една авионска бомба во Втората светска војна сепак падна преблиску и покрај јасните наредби на сојузничките команданти да се поштеди катедралата и отвори дупка во предниот лев дел на фасадата. Дупката беше до сега затворена со преку 30.000 цигли, кои сега внимателно се отстрануваат и веднаш се надоместуваат со нов материјал. Се менуваат и уништените орнаменти. Еден од нив е еден камен цвет, висок 90 сантиметри и тежок 70 кг. Иако тој припаѓа на едно од бројните врвчиња на горниот дел на зданието, на висина од преку 100 метри, на него е се изработено до најситен детал:

“Катедрaлата е совршена од подножјето, па се до највисокиот врв на висина од 157 метри. Луѓето од време на време ми приоѓаат и ме прашуваат: тоа парче треба да се стави на висина од преку 100-тина метри, мора ли да биде толку совршено? А јас им одговарам: да, мораме се совршено да изработиме“ - гордо нагласува главниот инжењер, Уве Шефер.