1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Ќе ја доведам Македонија во НАТО за една година“

Претседателскиот кандидат Љубе Бошковски најавува дека сака да биде претседател на сите граѓани на Македонија и дека ќе се бори за надминување на поделбите што потекнуваат од судирот во 2001 година.

default

Независниот кандидат, Љубе Бошковски

Господине Бошковски, кампањата за претседател на Република Македонија ја водите како независен кандидат, кој ветува нов македонски патриотизам. Ветувате дека земјата ќе ја внесете во НАТО за една година, а визната либерализација со ЕУ ќе ја остварите за три месеци. Како мислите да го постигнете тоа?

Јас сум независен кандидат и народен кандидат. Уверен сум дека како иден претседател на Република Македонија сум подготвен да ги гарантирам влегувањето во НАТО и визната либерализација во дадените термини и тоа не само на зборови во предизборието. Доколку не ја внесам Република Македонија во НАТО за една година од стапувањето на должност како претседател на државата и ако не успеам да ги рестартирам веќе забавените преговори за влез во ЕУ, јас како одговорен претседател на државата и како човек, кој мандатот го црпи од народот, од граѓаните на Република Македонија, подготвен сум да поднесам оставка. Ние, кои имаме должности, мораме да имаме и одговорности.

Кој е Вашиот рецепт за успех на ова ветување? Сепак, спорот околу уставното име што го има Македонија со Грција е реален и тежок проблем. Дали сте подготвени на некаков компромис или пак на некаква отстапка?

Проблемот со името е наметнат проблем, тој не е нов, веќе 15 години живееме со него. За мене е најважно во првата фаза да се ослободиме од привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија, бидејќи тоа ние не сме. Ние сме Македонци!

Ljube Boskovski

„Еден од татковците на ВМРО-ДМПНЕ“, Љубе Бошковски

Јас, како еден од идеолозите и би рекол татковците на возобновеното ВМРО, ВМРО-ДМПНЕ, во себе ја носам идеологијата на оваа партија, ги носам тие четири свети букви и во нив стои името Македонија. Нема компромис околу Македонија! Нема компромис околу нејзиниот идентитет, нема компромис околу државноста, околу уставноста. Сето тоа останува дел од мојата одлучност.

Но, треба да се разговара и треба да се реши ова сложено, наметнато прашање. Во првата фаза земјата да се ослободи од оваа привремена референца, која има некрофилска содржина, а потоа да разговараме најсериозно за вториот дел. Тоа значи седнување на маса на сите политичари во земјата, ние внатре, пред граѓаните на Република Македонија да одговориме: има ли Македонија алтернатива за невлегувањето во НАТО и за невлегувањето во ЕУ. Доколку политичарите во земјата ме уверат дека има алтернатива, јас ќе им поверувам, но, во овој миг не гледам таква алтернатива.

Велите дека се вративте во политиката, по епизодата во Хаг, за вистински да обединувате, а не да предизвикувате поделби. Сакате да бидете претседател на сите граѓани. Меѓутоа, многумина укажуваат дека во земјата постои етничка дистанца. Како Вие, од позиција на шеф на државата, би се поставиле за натаму да продолжи процесот за подобрување на меѓуетничките односи и што е уште поважно конечно да заврши процесот на помирување?

Кога зборувам, зад секој мој збор постои чиста формула, нема тука многу демагогија, нема тука пароли и нема тука виртуелен свет. Зборувам дека меѓуетничките односи во Македонија треба битно да се подобрат. А ќе успееме да ги подобриме само ако дојде до дефинитивно помирување, доколку настаните од 2001 година вистински ги оставиме зад нас, а не само во реториката и не само во легислативата. Еден од најголемите проблеми се нерешените четири Хашки случаи, за кои постојано ја предупредувам јавноста, го предупредувам и сегашното раководство на државата, дека овој проблем не може да го решава некоја друга генерација на политичари, исто како и проблемот со името.

Treffen des Mazedonischen Ministerpräsidenten, Nikola Gruevski mit dem Herrn Mathew Nimitz

Проблемот со името мора да се реши: посредникот Нимиц со премиерот Груевски

Проблемите можеби ги создала некоја друга генерација на политичари, но, ние мораме да ги решаваме - и тоа веднаш! Секое одложување би било многу опасно и на меѓуетнички план, а би било доведено во прашање дури и опстојувањето на Република Македонија. Значи ни треба процес на помирување, процес на решавање на проблемите, создавање на хармонични односи внатре во државата, меѓу партиите и - што е многу важно - неоптовареност со рејтинзите, кои на некои политичари им се поважни од судбината на два милиона сограѓани. При тоа постојано предупредувам на неодржливоста на ситуацијата, некој претседател да има 70 или 80% рејтинг, а државата да е во потполна изолација. Ако сакаме таква Македонија, во која политичарите ќе бркаат рејтинзи, а проблемите ќе оставаат да ги решаваат некои други, тогаш ќе имаме држава, што нема да биде ни модерна, ни европска.

Господине Бошкоски, Вие велите дека сте кандидат на народот и на ВМРО. Дали тоа значи дека повеќе не сте дел од ВМРО-ДПМНЕ? Последниве денови ја заостривте малку реториката кон раководството на оваа политичка партија за време на Вашите предизборни митинзи.

Тоа тие така го доживуваат. Јас разбрав дека премиерот нема да користи македонски лекови, бидејќи не му требаат. Јас не сакам да им создавам здравствени проблеми, да ги нервирам, јас само кажувам кои се проблемите во државата. Ако некој позитивната критика ја смета за критика, тогаш е проблем со тие кои така ја доживуваат, односно ја перцепираат реалноста. Мојата реалност е онаа којашто ја читам од лицата на граѓаните на Република Македонија. Од нивните погледи, од нивната безнадежност. Морам да направам се` за да ја извлечам Македонија од калта, од живиот песок во кој полека но сигурно влегува. Јас само би ги прашал, можат ли некои со обична гума да ги избришат моите дваесет години ангажман во ВМРО, може ли некој да ја избрише мојата идеологија. Јас имам идеологија и не менувам дресови, не менувам политички партии.

Nikola Gruevski Wahlsieger der VMRO DPMNE Mazedonien Wahl

Владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ има голема поддршка

Јас сум со една политичка партија и со една идеологија која е за Македонија. Во вториот дел на тие свети четири букви стои ДПМНЕ, Демократска партија за македонско национално единство на сите граѓани во Македонија. Тоа е нашата идеологија. Тоа што некој сега го дели членството на ВМРО, дека едни се подобни, а други не, некои не нарекуваат ветерани, а некои старци во ВМРО и си поигруваат со тие четири букви, одговорноста за тоа ќе ја сносат оние кои си поигруваат со судбината и на членството и на граѓаните на Република Македонија. Јас тука неможам многу да им помогнам. Пред некој ден се понудив, бидејќи плоштадите ми се веќе претесни, да одам на некој митинг каде што овие носат автобуси да им покажам дека може и без автобуси да се наполни плоштад. Јас тука неможам многу да им помогнам, имам желба и нека повелат ќе им одам. Тоа е и мое членство, членство кое е присилено да оди на митинзи, а од друга страна има членство кое доаѓа слободно без присила. Тоа е разликата меѓу мене и раководството од неколку таму типови во мојата партија.

Дали сметате дека Македонија е зрела да организира фер и демократски избори и конечно за еден изборен процес да добие преодна оценка од меѓународната заедница?

Апсолутно е важно изборите да бидат фер и демократски, да се покаже демократски капацитет. Важно е политичарите да покажат дека има повисоки интереси од нивните лични интереси и рејтинзи. Судбината на два милиона граѓани е во наши раце и не смееме да си поигруваме со судбината и иднината на Македонија.

Wahlen in Mazedonien Kandidaten

Историјата не почнува и не завршува со некој политичар: Љубе Бошковски

Јас мислам дека навистина не треба да си поигруваме и треба да престанеме да влегуваме во некои филмови дека од нас политичарите почнува и завршува историјата. Треба да се сфати, дека ние сме дел од судбината на оваа држава, а не над неа. Само така ќе можеме да ја сфатиме пораката од меѓународната заедница. Во спротивно ќе имаме сериозни проблеми.

Господине Бошкоски, како се гледате себеси во улога на иден претседател на Македонија, каков стил би негувале во извршувањето на функцијата, кои би ви биле приоритети?

Најголем дел од времето би го поминал меѓу граѓаните во Република Македонија. Тоа е мојот стил, мојот начин на живеење и секаде каде би се појавувал во светот би ги носел со себе најкомпетентните и најстручните во одредена област. Како претседател нема да се срамам да ги молам државниците да и помогнат на мојата земја економски и да инвестираат во неа. Јас имам апсолутен капацитет за тоа, имам пријатели, имам комуникации и навистина можам да и помогнам на Македонија на економски план. Јас тоа можам да го направам и тогаш ќе можеме да зборуваме и за порелаксирани и меѓуетнички, политички, внатрепартиски и слични релации со кои сме соочени.