1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ќе јакнат и анархијата и репресијата

Со најавеното вонпарламентарно дејствување на опозицијата, Македонија влегува во институционална криза, во која ќе јакне и анархијата и репресијата, оценуваат аналитичарите.

Од денеска СДСМ со коалициските партнери преоѓа на поинаков начин на дејствување, соодветен на карактерот на актуелниот режим, најави лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски.

„Ќе организираме и поддржуваме секаква форма на граѓански отпор, митинзи, протести и блокади на сообраќајници. Почнуваме од вечерва со получасовно блокирање на клучните сообраќајници во сите градови во Македонија, а во сабота напладне ќе протестираме пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, партијата што ја узурпираше државата и ја претвори во партиско-полициска. Крајната цел на се што ќе правиме е враќање на уставниот поредок и демократијата во Македонија", изјави Црвенковски.

Поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, оценува дека Македонија влегува во период во кој колку што ќе расте анархијата, толку ќе се заострува репресијата од страна на власта.

 „Оваа криза ќе трае и ќе се продлабочува се додека состојбите не станат неиздржливи и додека не се мобилизира широка граѓанска свест за да го запре овој тренд и да побара реституција на институциите кои треба да бидат поставени врз основа на Уставот и на законите", прогнозира Андов. 

Последица на недостиг од демократија

Според аналитичарите, веќе е сосема јасно дека Македонија е во еден вид вонредна состојба, во која улицата ќе ги замени институциите. Арсим Зеколи, поранешен македонски дипломат во ОБСЕ, Виена, смета дека на долг рок „улицата" не може да ги замени институциите, но таа како инструмент за притисок е реакција токму на злоупотребата на институциите, што во Македонија предолго се случува.

„Вистинското прашање е дали се употребени сите инструменти на институциите пред да се преземе толку драстичен чекор за излегување на улица. Поведението на власта подолго време, а посебно со буџетот, ги принуди и опозицијата и јавноста да реагираат на ваков начин пред аутистичноста на Владата. Ако ги блокирате сите нормални механизми за демократско влијание врз процесот на донесување одлуки, ако ја задушите дебатата и ја истиснете демократијата, тогаш вие ја присилувате јавноста да реагира преку улица. Ако имавме функционални, отворени и непартиски институции, тогаш уличната демократија не би се случила" вели Зеколи. Според него, загрижува цикличното повторување на ваквите настани, што укажува на подлабок проблем - недостиг на вистинска дебата и отсуство на разлика помеѓу политиката како инструмент и општеството како организам.

Невидливата страна на институциите

Улицата не може легитимно да замени политички институции и секогаш претставува кршење на законот и злоупотреба на народот, вели професорот по филозофија Ферид Мухиќ.

„Сепак, кога немаат доволно институционални аргументи ни доволно сила, власта, како и опозицијата, бараат алиби повикувајќи се на незадоволството на  "улицата". И во двата случаја алиби се бара во демагошката парола Vox populi, vox Dei (Гласот на народот е гласот Божји). Народот, односно, улицата" секаде во светот е професионално манипулиран низ систематски кампањи за креирање на јавното мислење. И "народот" и "улицата" денес  се невидливата страна на институциите, по правило несвесни извршители на задачите кои политичките институции не можат легално да ги реализираат. Обратниот процес на внесување на "улицата" и "уличното однесување" во институциите, кавги и тепачки во парламентот, какви што ги имаме секаде па и во Македонија, ова дополнително го потврдува-објаснува Мухиќ.

Ист настан различни оценки

Премиерот Груевски и лидерот на опозицискиот фронт излегоа со дијаметрално спротивни оценки за вчерашните тензии и инциденти.

„Бевме сведоци на првиот неуспешен насилен обид за рушење на демократските институции и легитимно избраната власт на слободни и фер избори пред само година и половина. Приказната за Буџетот беше само параван на Бранко Црвенковски кој ја започна неговата последна лична битка за преживување во политиката. На Црвенковски му се спротивстави народот. Поделени во две групи имаше најмалку трипати повеќе граѓани кои излегоа да му се спротивстават. На Бранко му се случи народ", оцени во своето обраќање премиерот Груевски.

Лидерот на СДСМ оцени дека е извршено класично убиство со  умисла на Уставот и демократијата.

„Не е најголем проблем бруталното кршење на се што е уставно, законски и деловнички. По насилничкото исфрлање на пратениците од опозицијата од парламентот, како секоја диктаторска власт се обидоа тоа да го скријат од јавноста и ги отстранија и новинарите од пленарната сала. Власта хушкаше народ против народ, а полицијата тепаше граѓани кои не беа дојдени за да ја рушат власта, туку за да го бранат Уставот и демократијата", вели Црвенковски.

МВР, пак, соопшти дека успеало да обезбеди непречено функционирање на институциите и да спречи насилно блокирање и уривање на државниот поредок.

ЗНМ не разговара со Владата

Здружението на новинари од вчера ги прекина разговорите со владата, сè додека не се врати уставниот поредок во земјата и извршителите и наредбодавачите на срамното однесување и исфрлување на новинарите од Парламентот, не бидат откриени и казнети согласно со законот.

По заедничкото соопштение на мисијата на ЕУ и амбасадата на САД во коe се повикуваат „лидерите на сите партии да се однесуваат на начин што е во согласност со законот, Уставот, и со договорените собраниски процедури",

Засега единствената реакција дојде од твитер - профилот на шведскиот министер за надворешни работи, Карл Билд. „Многу загрижувачки вести од Скопје за тоа дека полиција влегла во парламентот и ги исфрлила опозициските пратеници. ЕУ демократијата не би требало да функционира вака", напиша Билд на својот профил.