1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ќе се шири ЕУ кон југоисток или Турција кон северозапад?

Ако ЕУ не ги сака, земјите од Балкан со мнозинско муслиманско население можат и поинаку да се ориентираат. Германскиот печат се занимава со табу-теми и спорови од Балканот.

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) денеска се занимава со иднината на Југоисточна Европа во фонот на грчката должничка криза:

„Мизеријата на Грција фрла сенка и врз надворешно-политичките амбиции на балканските држави по на север. Македонија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина (со вкупно околу 20 милиони жители) сакаат да пристапат кон ЕУ. Но, врз политиката на проширување лебди голем прашалник. Како ќе се одрази врз стабилноста на демократијата на Балканот, ако патот кон Европа фактички остане препречен за многу години“?

Овие прашања биле во фокусот на традиционалната годишна средба на политичари, економисти, дипломати и научници од Западот и од Југоисточна Европа во Туцинг, известува ФАЦ, па продолжува:

„Од Албанија, Косово и Босна и Херцеговина, три држави од регионот со мнозинско муслиманско население, може да се слушне дека можат и поинаку да се ориентираат, доколку ЕУ и натаму покажува одбивност спрема аспирантите за членство. (...) Барем државите со исламски белег од регионот, ако Европа не ги сака, ќе се приближат кон ’нео-османлиската сфера на влијание‘. Наместо проширување на ЕУ кон југоисток, тогаш ќе има проширување на Турција кон северозапад. (...) Предводниците на една таква опција сепак не се во состојба логично да одговорат на прашањето, што всушност може Турција да им понуди на балканските држави? Значењето на Турција како трговски партнер на балканските држави, навистина, расте, но ни оддалеку не е толку големо, колку што понекогаш се претставува.

Самата ЕУ има на располагање поголемо портмоне и поширока палета од понуди за земјите што не се членки. А, нео-османлиски Комонвелт, како политички контрапункт на ЕУ, не е на повидок, особено и затоа што во Косово и Албанија, чии национални митови почиваат врз ’борбата против Турците‘ на нивниот национален херој Скендербег, исламот како обединувачка врска игра многу помала улога отколку во Турција.

Згора на се’, во Косово има и друга опција, доколку изостане трансатлантската интеграција. Албанците таму би можеле да се решат за ’скратен пат‘, како што наведе косовскиот публицист Ветон Сурои. Кој самиот не смее да биде член на некој клуб, ќе се приклучи кон некого, кој е веќе член - во случајот со Косово, значи - Албанија, која во меѓународните форуми веќе сега настапува како негов мегафон. Во самата Албанија идејата за косовско-албанско обединување наидува на голема согласност, иако елитата во Тирана крајно внимателно води сметка за тоа, да се дистанцира од таквите идеи“.

Во написот понатаму се вели дека „не е сигурно“ дали некој ден Косово нема да биде поделено - северот да и’ припадне на Србија, а Прешевската долина да се приклучи кон Косово. Ако не со сегашната, тогаш со некоја идна генерација на западни политичари.

„Тоа важи и за Босна, како осакатена, дисфункционална држава, која произлезе од војната. Во сегашниот облик Босна никогаш не ќе може да и’ пристапи на ЕУ. (...) По многу пропаднати обиди за уставна реформа, се’ појасно се поставува прашањето: Можна ли е Босна? На тоа се надоврзува: Нужна ли е Босна? Дали е замислива мирна деконструкција на Босна?

На Западот вакви прашања се табу, оти засегнуваат во срамот поради потфрлувањето на Европа и на светот со оглед на геноцидот во Босна. (...) Мултиетничка Босна е ’Југославија во мало‘, гласи една романтичарска оцена за земјата. Но, ако веќе и оригиналната Југославија е збришана со голем тресок, и за некои луѓе денес дури е и заблуда на историјата, може ли тогаш да опстои ’Југославија во мало‘? Не е лесно да се најдат одговори на вакви прашања, оти тие можеби го допираат прашањето за војна и мир“, се вели на крајот од текстот на Михаел Мартенс, објавен во ФАЦ.

Како исчезнаа Германците од Словенија?

Истиот весник, во друг прилог, пишува за уривањето на едно табу. Во „Марбург на Драва (словенечки: Марибор)“, кој своевремено бил „германофонска енклава во мнозински словенечката Долна Штаерска“, во тек е изложба “која ништо не премолчува и ништо не минимизира од она, што Германците и Словенците во градот си го сторија едни на други“. Следува подробен историски приказ на меѓусебни протерувања, одземања имоти, спроведување присилна словенизација и германизација во градот, во кој пред Првата светска војна 80 проценти од жителите биле Германци, а веќе на почетокот на триесеттите години нивниот удел спаднал на само 8 насто. „Севкупно по војната (Втората светска војна, н.з.) околу 80 илјади Германци во Југославија доживеаја насилна смрт. (...) Прашањето како ’исчезнаа’ Германците веќе не е табу. (...) Таму, ’каде со крв се пишува границата‘ (така се вели во химната на покраината Корушка) се одвива приближување на старите противници, кое до пред неколку години би било одвај замисливо“, известува ФАЦ.

Welterbe Quedlinburg Reportage 306

Кавга за колбаси меѓу Австрија и Словенија

Австрија и Словенија во спор за колбаси

„Зиддојче цајтунг“ информира за спорот меѓу Австрија и Словенија поради колбаси. „Владата во Љубљана сака да ги заштити како бренд со ознака за традиционалното потекло, за други земји, на пример, правниот наследник на Австро-унгарската монархија, кон која долго време припаѓаше регионот на Крањ, да не можат да тврдат дека тие произведуваат оригинални ’Крањски колбаси‘. (...) Само, таканаречените Крањски колбаси ги има и на други места во светот, па барањето на Словенија да го заштити тој регионален производ наиде на силни протести кај австриските месари и кај потрошувачите“. Во прилогот на „Зиддојче цајтунг“ се најавува приговор од страна на Австрија, а за тоа се размислувало и во Германија.